Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, предупреди дека цената за дата-центрите во државата ќе ја платат земјоделците и граѓаните, преку загрозување на водата за наводнување на земјоделските површини, зголемување на цената на струјата и ограничување на можностите за нови индустриски инвестиции. Филипче нагласи дека СДСМ не е против технолошкиот развој, туку против тоа природните ресурси и државните капацитети да се ставаат во функција на приватни интереси.
„Тие не се дел од Планот за раст. Тоа е само уште еден трик на власта. И ние не сме против технолошски напредок на државата, меѓутоа сме апсолутно против бизнис интересите на оваа власт и на примерот Христијан Мицкоски. Затоа што извадив јас тука на прес – конференција пред неколку недели документ во кој што приватна компанија веќе се фали дека обезбедила дозволи за развој на дата центри. Што значи дека таа компанија кажува дека има право да ја користи водата од реката Вардар. Како тоа им ја дал водата од реката Вардар?“, рече Филипче.
Тој укажа дека оваа информација е особено загрижувачка бидејќи тоа може директно да влијае врз земјоделците и наводнувањето на земјоделското земјиште.
„Што ќе се случи со земјоделството во тој дел, каде што планирале да се прави дата центар, од каде ќе се наводнува земјиштето плодно на земјоделците, ако се земе водата? Знаеме дека дата центрите користат огромни количини на вода, вода која што толку се загрева, што после е прашање дали ќе се врати назад во речното корито. Од каде ќе земаат вода земјоделците?“, рече Филипче.
Филипче укажа и на дополнителните последици од работењето на дата центрите, меѓу кои големата потрошувачка на електрична енергија и ограничениот број работни места што ги отвораат.
„Понатаму создаваат огромна бучава. Каков бенефит имаме ние од дата центрите, кога тие дата центри не вработуваат апсолутно никој. Никој, двајца, тројца луѓе. Следно, трошат толку струја, имаме ли ние капацитет да ги снабдиме со струја дата центрите? И дали, ако се стави таков дата центар, кој што ќе троши огромна количина на струја, тоа ќе значи дека струјата ќе поскапи“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ го отвори и прашањето дали големата потрошувачка на електрична енергија од еден дата центар може да го ограничи развојот на други индустриски капацитети во неговата околина.
„Дали ако се потроши толков капацитет на струја за еден дата центар, дали тоа значи дека нема да има можност да се градат други капацитети, на пример фабрики, во околината на тој дата центар, затоа што нема да има доволна количина на струја? И никој не одговара на тие прашања. Тоа се суштинските прашања“, рече Филипче.
Тој нагласи дека спорот не е во тоа дали државата треба да се развива технолошки, туку дали развојот ќе биде во интерес на граѓаните или на приватни интереси.
„Не станува збор дали ние треба да се развиваме или не треба да се развиваме. Да, треба да се развиваме. Да, апсолутно како држава, ама не за приватните интереси на Христијан Мицкоски“, рече Филипче.
Линк до видео:


