Соопштение за јавност
Со Мицкоски нè чекаат сиромаштија, изолација и нов бран иселување, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање. Филипче предупреди дека политиката на изолација на Владата на ВМРО и отстапувањето од европскиот пат ќе има директни економски последици за граѓаните – помалку европски можности, послаб економски развој, сиромаштија и нов бран иселување на младите.
„Ќе тонеме во сиромаштија, во изолација. Ќе чекаме на граници по 10, 12 часа, младите ќе бегаат од земјата, секој втор ќе бара начин да извади бугарски пасош. Тоа е иднината со оваа власт, додека тие си ги товарат магарињата и се богатат. Сè што кажува на темата Европа, премиерот Христијан Мицкоски, едноставно лаже“, рече Филипче.
Во одговорот Филипче посочи дека додека Европската Унија го забрзува пристапот и подготвува нови форми на постепена интеграција, Северна Македонија останува надвор од процесите кон кои се движат земјите од регионот.
„За жал, ние не сме во таа група. Затоа што и претседателката Фон дер Лајен, сите европски високи функционери, добро знаат дека оваа Влада не сака во Европа. Тие четири земји се Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Ние не сме таму. Јасно и гласно ни кажува дека поради оваа власт, ние сме во групата со Косово и Босна и Херцеговина. Ние сме слепото црево во Европа. Премиерот раскажува бајки и лаги. Ниту нешто разговара, ниту има за што да се разговара“, рече Филипче.
Притоа, Филипче предупреди дека оддалечувањето од европските механизми за финансиска поддршка ќе значи помалку можности за развој.
„Затоа што сега кога се прави и новиот буџет на Европската Унија за следните седум години, нас ќе нè нема таму. Се менува начинот на финансирање и нема да има веќе преалоцирани средства, односно нема да има ИПА механизам, и тоа е добро да го знаат граѓаните, ИПА механизмот беше една одредена сума за земјава и како се спроведуваат реформите, се повлекуваат пари. Нема да има веќе преалоцирани средства. Механизмот на финансирање ќе биде пофлексибилен. Ако заостануваме на европскиот пат и власта не држи на страна, што е случај, за нас нема да има пари“, рече Филипче.
Линк до видео:


