Филипче: Во Македонија се води хибридна војна преку медиуми од „српскиот свет“, ќе ја известиме ЕУ

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Во Македонија се води хибридна војна преку медиуми од „српскиот свет“, и за ова ќе ја известиме Европската Унија, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање. Филипче укажа дека Владата молчи за работењето на српски медиуми на македонскиот медиумски простор, без дозвола.

„Имаме веројатно една форма на хибридна војна во сферата на медиумите и тоа вие треба да го знаете. Имаме два канали, српски Арена и Еуроњуз. Знаеме кои се сопствениците, што се. Српскиот Телеком е позадина на една од работите. Имаме ентитети медиумски тука коишто немаат дозвола одамна, па се реемитува сигналот преку Србија. А вработуваат луѓе и ги плаќаат. Како може медиум да работи без дозвола, а Владата молчи“, рече Филипче.

Филипче најави дека за ова прашање со медиумите од „српскиот свет“ ќе ги информира претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и европската комесарка Марта Кос.

„За ова во текот на неделава писмено ќе информираме и претседателката на Комисијата фон дер Лајен и на Советот Антонија Кошта и комесарката Марта Кос. Нема да дозволиме странски интереси, под директна заштита на Владата и на премиерот, тука да ја руинираат земјава. Не носат во економска бездна и во изолација. Тоа нема да дозволиме“, рече Филипче.

Во контекст на ова, Филипче посочи дека интерпелацијата за вицепремиерот Иван Стоилковиќ ќе бидат поднесена, нагласувајќи дека Стоилковиќ е еден од најсилните симболи за тоа каква Влада има Македонија.

„Тој е еден од најсилните симболи за тоа како и каква Влада имаме. Влада којашто работи против националните интереси, за интереси на странска земја, човек кој се среќава со луѓе блиски на Путин, човек којшто го велича воениот злосторник Ратко Младиќ и премиерот молчи, ништо не кажува. Нејќе таква Влада. Затоа Христијан Мицкоски е руски прокси играч на Балканот и тоа го знае веќе целиот свет, да не мисли дека не го знаат“, рече Филипче.

Линк до видео: