Тренчевска до Хоџа: Македонија не е на распродажба – како дадовте согласност за пет рудници без да се знае нивното влијание врз животната средина?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска побара од министерот за животна средина и просторно планирање Муамед Хоџа објаснување за согласноста на Министерството во врска со Нацрт-просторниот план, во кој се предвидува отворање на уште пет рудници на метали.
Тренчевска посочи дека во изминатиот период сме сведоци на најавите на премиерот Христијан Мицкоски за изградба на рудници за метали и антимон, кои се претставуваат како голема развојна шанса за државата. Таа порача дека Македонија не е приватна фирма и не е на распродажба, а природните богатства се национално богатство кое им припаѓа на граѓаните.
Тренчевска посочи дека на страница 187 од Нацрт-просторниот план се наведени пет конкретни локации – Иловица–Штука, Казан Дол, Плавица, Кадиица и Луке. Во истиот план, како што наведе Тренчевска, се предвидува површините под експлоатација на критични минерални суровини да се зголемат од околу два на приближно десет квадратни километри, односно петкратно.
Тренчевска побара транспарентност за тоа каде би се наоѓале коповите, јаловиштата и постројките и колку би биле оддалечени од домовите и изворите на вода, посочувајќи дека станува збор за прашања што директно ги засегаат животната средина и здравјето на граѓаните.
На крајот, таа го праша министерот како е можно неговото Министерство да даде согласност за ваков план кога, како што посочи, не се знае како овие рудници ќе влијаат врз животната средина и здравјето на граѓаните.

Во продолжение, интегрален текст од обраќањето на Тренчевска:
Моето пратеничко прашање, денеска е до министерот за животна средина и просторно планирање, Муамед Хоџа, и се однесува на нешто што директно ги засега граѓаните, нивното здравје, животната средина во која живеат.
Во изминатиов период сведоци сме на најавите на премиерот Мицкоски за изградба на рудници за метали, за антимон, кои ни се претставуваат како некаква голема развојна шанса за државата.
Всушност исто како што Мицкоски секојдневно ни претставува една паралелна Македонија во која економијата цвета, инвестициите се рекордни и се оди одлично, а за жал, таа Македонија постои само во главата на Мицкоски – реалноста во која се наоѓа државата, која ја чувствуваат и ја живеат граѓаните е поразителна и загрижувачка.
Додека граѓаните живеат со секојдневните проблеми, додека земјоделците се борат за егзистенција, додека семејствата се грижат дали ќе имаат пари за храна и сметки, дали ќе имаат чиста вода за нивните деца, Владата си има други приоритети.
Не мерки за граѓаните, не чиста животна средина, не подобри услови за живот – власта си има бизнис приоритети и тоа веќе исцртани, испланирани, ставени во план.
А јасно е веќе и како ќе се реализираат – преку распродажбата на државата. Тоа е нивниот модел на „развој“ – а во позадина профити, провизии.
Оваа Влада, на чело со Мицкоски, сега распродажбата ја внесува и во Нацрт-просторниот план – документот што треба да ја определи иднината на Македонија до 2040 година.
Документот со кој, наместо да им даде сигурност на граѓаните и на идните генерации, власта ја крои својата визија за наводен развој, зад кој, под превезот на изградба на рудници и наводен економски развој, не се крие ништо друго освен распродажба на природните богатства на државата за туѓи бизнис интереси, додека сметката повторно ќе ја плаќа.
Еве да појаснам – на страница 187 од Нацрт-планот јасно е наведено дека треба да се отворат уште пет рудници на метали. И тоа не се некакви имагинарни локации.
ВО планот се веќе исцртани Иловица–Штука, Казан Дол, Плавица, Кадиица и Луке.
Значи, додека граѓаните сè уште слушаат најави и објаснувања за идни рударски проекти, Владата веќе ги внесува конкретните локации во стратешки документ со кој се планира развојот на државата во следните 15 години.
Епа како ова го испланиравте? Па добро, кој ви даде право да ја планирате иднината на Македонија зад затворени врати и да им ја цртате средината на граѓаните во која треба да живеат?
Македонија нМакедонија не е ваша приватна фирма, не е на продажба и не може да се продава земјата, што е природно,национално богтаство кое има припаѓа на граѓаните, за туѓи интереси.
Не зборуваме за уште една зграда или уште еден пат, зборуваме за нешто што може сериозно да влијае врз животната средина и здравјето на граѓаните.
Антимонот е во категорија на загадувачи, токсичен – влегува почва, во реки, во бунари, растенија – во човекот.
Зборуваме за земја, за вода, за земјоделство, за природата во која живеат цели населени места – и најважно зборуваме за здравјето на луѓето.
Иако видовме колку оваа власт се грижи за здравјето на луѓето.
5000 граѓани во Гостивар се затруја од загадена вода – 11 месеци не видовме извештај. Вардар и Лепенец згадени – нема извештај. Ете толку се грижат… не им е грижа, важно е само како да профитираат, од каде да укрдата пари, да земат провизии.
И да се вратам на просторниот план – во истиот Нацрт-просторен план се предвидува површините под експлоатација на критични минерални суровини да се зголемат од околу два на приближно десет квадратни километри.
Тоа е петкратно зголемување.
Пет пати поголем простор за експлоатација. И тука доаѓаме до најважното – вие го ризикувате здравјето на граѓаните за вашите профити, ја ризикувате животната средина, плодната земја, водата…
Во документот се бара да се планираат рудници, но граѓаните имаат право да знаат каде се коповите, каде ќе бидат јаловиштата, каде ќе бидат постројките и колку ќе бидат оддалечени од нивните домови и извори на вода.
Не готови планови зад затворени врати – транспарентност, ако воопшто знаете што е тоа.
Народот одлучува за својата иднина, не вие.
Откако еднаш ќе ја загадите водата, нема враќање назад со едно соопштение.
Кога ќе се уништи земјоделска почва, не се враќа со прес-конференција.
А кога ќе се загрози здравјето на луѓето, никаква статистика не може да ја избрише штетата.
Затоа, министер, ова не е прашање само за рудници.
Ова е прашање за тоа дали оваа држава ја планира својата иднина според интересот на граѓаните или според интересот на вашата Влада.
Оттука моето прашање до вас министре е : Кaкo е можно вашето министерство да даде согласност за ваква работа, кога ништо не се знае како овие рудници ќе влијаат врз животната средина и здравјето на граѓаните?
Што водите Вие – бизнис или министерство кое треба да гарантира чиста животна средина?
Дали ги слушате реакциите на граѓаните од југоисточниот регион за рудниците кои што се планирани токму во тој регион? Рудници за чија постапка, посебно за Казандол, веќе е завршена, повторно ја враќате во овој предлог-просторен план.

Линк до видеото :