Филипче: Ако продолжи изолацијата на Мицкоски следуваат децении на сиромаштија и иселување

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на прес-конференција во Собранието, заедно со пратеничката група на СДСМ и коалицијата, предупреди дека продолжувањето на политиката на изолација на Христијан Мицкоски ќе ја доведе земјата до децении на сиромаштија и иселување. Тој посочи дека последиците од таквиот правец ќе ги чувствуваат граѓаните и следните генерации.

„Сакам граѓаните да знаат дека ако продолжи овој пат на изолација, пред нас се децении на сиромаштија, на изолација, на сиромаштија на духот, на иселување на децата, на нечистотија по улиците и нечист воздух насекаде, на распродадена земја за туѓи интереси и туѓи рудници, на распродадена вода за туѓи дата-центри и на партиски тендери за оваа банда што е на власт“, предупреди Филипче.

Во пресрет на посетата на Фон дер Лајен, Филипче ја нагласи сериозноста на моментот, посочувајќи дека Македонија останува во ќор-сокак на европскиот пат.

„Не знам дали сте свесни каква тежина политичка има овој момент во којшто после 30 и кусур години ние сме во ќор-сокак за Европа. По желба лична на Христијан Мицкоски. Дали сте свесни дека има јасен, чист патоказ за четири земји и нас таму нè нема“, рече Филипче.

Тој истакна дека, додека други земји имаат перспектива за членство во Европската Унија, Македонија ја пропушта можноста да биде дел од тој процес.

„До 2030 година, отворена е вратата во Европа, земји членки ќе станат Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија. Нас нè нема. Притоа, Христијан Мицкоски сè уште глуми патриот, ќе го бранел името, јазикот, културата, идентитетот, па сè е зачувано во меѓународниот договор. Они тоа го признаваат“, посочи Филипче.

Филипче упати директна порака до Мицкоски да размисли за одговорноста што ја носи и за последиците врз иднината на земјата.

„А на Христијан сакам да му порачам, нека размисли добро. Ако треба вечер, нека не спие. Што ќе ѝ каже утре на Фон дер Лајен? Да не се игра со иднината на земјата, затоа што може да му судат следните генерации“, порача Филипче.

Линк до видео: