Филипче: Не прифаќаме цела генерација да верува дека нема место во сопствената татковина

Facebook
Twitter
LinkedIn

Не прифаќаме цела генерација да верува дека нема место во сопствената татковина, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на маршот во Прилеп по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, под слоганот „Непокор. Борба. Иднина – 85 години антифашизам“. Филипче укажа дека власта на ВМРО наместо да создава услови за младите да градат иднина во сопствената држава, власта ги остава без перспектива.

„Денес најтажната слика на Македонија се празните училишни клупи. Околу 3000 првачиња помалку оваа година. Тоа е алармот што мора сите да го слушнеме. Затоа што држава без млади луѓе нема иднина. Ние не смееме да се помириме со тоа и нема да се помириме. Не прифаќаме иселувањето да стане нормалност, затоа што изолацијата не е опција. Не прифаќаме во 21. век да нема чиста вода за пиење. Не прифаќаме власта да нема одговори и никој да нема одговорност. И најмногу од се, не прифаќаме една цела генерација да поверува дека за неа нема место во сопствената татковина“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ истакна дека патриотизмот не се докажува со зборови и декларации, туку преку реалните услови за живот на граѓаните и можностите што државата им ги обезбедува на младите генерации.

„Патриотизам е тоа како луѓето живеат денес и што ќе им оставиме на децата утре. И тоа е мерката за успешната политика. И токму затоа денес сакам посебно да им се обратам на младите. Тие што имаат 18, 20, 25 години. Вашата генерација денес има друга битка. Битка за иднината. Ние сме тука да ја водиме за вас и со вас“, рече Филипче.
Тој порача дека европската иднина мора да биде конкретна национална цел, со европски можности за секое младо момче и девојка во Македонија, а не ветување што постојано се одложува.

„Затоа, наша следна голема национална задача е заедничка. Европската иднина и европски можности за секое младо момче и девојка тука во Македонија. Не некогаш, не во некоја неодредена и кој знае која иднина, туку како конкретна национална цел околу која ќе ги обединиме сите сили во општеството, затоа што европската интеграција не е проект на СДСМ. Не е проект на една влада, не е проект на една генерација. Тоа е децениски македонски стремеж за подобра иднина, за слободна, праведна и европска Македонија. За држава во која секој човек ќе има достоинство и иднина“, рече Филипче.

Во обраќањето, Филипче порача дека, 85 години по почетокот на народното востание, денешната генерација има историска одговорност да ја чува државата и да се избори за иднина во која младите ќе сакаат да живеат во својата татковина.
„Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука дома. И тоа е нашата историска задача“, рече Филипче.

Линк до видеото :