Прес – конференција на СДСМ -Весна Ристовска, координатор на советничката група во општина Пробиштип
Македонија не е на продажба!
Денеска советниците на СДСМ од истокот уште еднаш го креваат својот глас против рудниците кои се закана за здравјето, земјоделството и животната средина.
На денешната јавна расправа отворено и аргументирано ќе се спротивставиме на Новиот Нацрт-план за просторно планирање на Владата на Мицкоски.
Еве што значи овој план за источниот регион.
Планиераниот рудник во планинскиот предел Кадиица, се наоѓа во заштитениот предел на Малешвијата, со специфично ендемски видови на растенија.
Како е можно да се планираат рудници во заштитени подрачја, без да се прикаже јасно влијанието врз природата и луѓето?
Зошто не е приложена карта на која ќе се види јасно преклопувањето на Кадиица со зоните на Малешево, водните извори, земјоделското земјиште, населените места и туристичките локалитети?
Рударските активности ќе ги загрозат водата, земјиштето и здравјето на граѓаните.
Отворањето рудник за метали на Плавица носи ризик од долгорочна еколошка катастрофа – потенцијално загадување на подземните и површинските води, уништување на биодиверзитетот и директна закана за здравјето на граѓаните.
Во просторниот план се предвидува дека Општина Пробиштип до 2040 година ќе изгуби дури 29,4% од населението и ќе се соочи со социјален колапс.
Значи, во документот се предвидува масовно иселување, а како решение за град што се празни се нуди нов површински коп за метали!
Прашуваме за кого тогаш ќе се отвора овој рудник и кој ќе работи? За увезената рака од Непал или Бангладеш?
Пробиштип е ставен во заштитениот предел на Осоговските Планини. Како тогаш ќе се усогласат заштитата на природата и тешката рударска индустрија во ист простор?
Дополнително, во планот јасно се наведува дека за постојното јаловиште од рудникот Злетово се потребни итни мерки за рекултивација и процена на здравствениот ризик за граѓаните.
Како тогаш Владата планира нова рударска експанзија со дури 90 милиони тони руда на Плавица, кога претходно не е санирана и отстранета постојната еколошка штета во Пробиштип?
И најзагрижувачки во планот се проектира дека вкупната површина под експлоатација на критични минерали во државата до 2040 година ќе се зголеми пет пати – од 2 на 10 квадратни километри.
Тоа значи проширување на рудните копови на 10 квадратни километри. Нема крајни граници на експлоатацијата.
Дали затоа минатата недела се правеа измени во Законот за животна средина и просторно планирање?
Каде ќе се канализираат овие отпадни и технолошки води?
Во Кочанскиот регион, Владата со планот проектира намалување на површините под ориз за 31%. Ова е сериозен удар врз регионот во кој се произведува еден од препознатливите брендови на македонското земјоделство – кочанскиот ориз.
Им се одзеде водата, сега им се зема и земјата на земјоделците. На крај и тие како и младите ќе се иселат. Ќе нема кој да произведува храна.
Нашата порака е јасна – веднаш да се повлече планот за изградба на рудници. Македонија не е на распродажба.
Природните богатства, водата, земјиштето и здравјето на граѓаните пред се не смеат да бидат цена за туѓи бизнис интереси.
Линк до видео:




