Итна истрага, дали во Македонија доаѓаат црните пари на режимот на Вучиќ преку Алта банка?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

СДСМ бара итна истрага за информациите објавени во српските медиуми дека Алта банка забрзано префрла големи суми пари во Македонија и Русија, порача на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка и членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Кузеска истакна дека со последните информации се потврдуваат предупредувањата на СДСМ за Алта банка и нејзиниот влез во Македонија.

„Се потврдува сè што го говоревме. Последните информации од медиумите во Србија говорат дека Алта банка, која се смета за сопствеништво на Вучиќ и сестринската партија на ВМРО – СНС, започнала забрзано и интензивно да префрла големи пари во Македонија и во Русија.

Процесот е започнат од 26.10, по изборите и паѓањето на шефот на Мицкоски – Александар Вучиќ“, рече Кузеска.

Таа посочи дека информациите ги објавил српскиот портал Нова.рс, повикувајќи се на адвокатот Ниниќ, член на независната граѓанска Анкетна комисија формирана за истражување на одговорноста за падот на настрешницата во Нови Сад.

„Нова.рс пренесува информации од познатиот адвокат Ниниќ дека интензивно се префрлаат големи пари на сметки на правни лица лоцирани во Москва и во Скопје. Ниниќ, е член на независната граѓанска Анкетна комисија која беше формирана од универзитетски професори и стручни лица од различни области за истражување на одговорност за падот на настрешницата во Нови Сад“, потенцираше Кузеска.

Портпаролката на СДСМ праша дали во Македонија се префрлаат црни пари на режимот на Вучиќ и побара Обвинителството веднаш да постапи.

„Дали ова значи дека црните пари, криминалните пари, на соборениот режим на Вучиќ и СНС, сестринската партија на ВМРО во Србија, се префрлаат во Македонија? Јавното обвинителство мора веднаш да постапи, да отвори истрага, да се утврди потеклото на парите и да се спречат сите можни злоупотреби во Македонија. Предупредувавме, еве почнува. Сè што кажавме се потврдува“, рече Кузеска.

Таа посочи дека Мицкоски и Трајко Славевски дозволиле Алта банка да влезе во Македонија, и покрај прашањата што се отвораат за банката и нејзиниот сопственик.

„Затоа Мицкоски и Трајко Славевски дозволија Алта банка да влезе во Македонија. Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски во Македонија. Иако Европската централна банка ѝ забрани преземање акции од австриска банка. Иако е под истрага за сомнително потекло на капитал.

Во Европа е запрена, во Црна Гора има забрана, а кај нас купи банки и осигурителна куќа. За сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, близок до СНС и многу близок до Александар Вучиќ, се предложени и санкции во американскиот Конгрес. Од менувачница во Земун до милијарди за неколку години и влез во Македонија“, истакна Кузеска.

Таа додаде дека, падот на Вучиќ ќе донесе разврска и за соработката со Мицкоски.

„Како што рековме, падот на Вучиќ ќе донесе разврска на сите криминални соработки со Мицкоски. Го повикуваме гувернерот на НБМ, Трајко Славевски, веднаш да излезе пред македонските граѓани и да одговори што ќе преземе. А јавниот обвинител да не чека повик по телефон, туку да постапи веднаш. Истрага. Одговорност. Доаѓа време на вистина и правда“, рече Кузеска.

Линк до видео: