Филипче: Втор ребаланс за неколку месеци – признание за катастрофалното водење на финансиите на Мицкоски

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Вториот ребаланс кој што се носи за неколку месеци е признание за катастрофалното водење на финансиите на Мицкоски, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека со овој ребаланс наместо стабилни јавни финансии, повисок животен стандард и реализација на капиталните инвестиции, власта повторно ги пополнува дупките во буџетот, ги крати инвестициите и ја зголемува задолженоста на државата

„Нема држава која што сега прави втор ребаланс на буџетот. Сега сите држави кои што добро се менаџираат, веќе разговараат за буџетите, за 2027 година. Што ние правиме – ребаланс, за да само што ќе заврши, овој ребаланс ќе почне и ќе се отвори дискусијата за буџетот за следната година. Нема поголем доказ за лошо менаџирање на буџетот, финансиите и економијата од страна на Христијан Мицкоски и од овој втор ребаланс“, рече Филипче.

Филипче нагласи дека вториот ребаланс не носи подобар живот за граѓаните, нема зголемување на платите, нема фискална стабилизација, а капиталните инвестиции се кратат. Наместо развој и подобрување на стандардот, владата се задолжува за да ги покрие дупките што сама ги создаде во буџетот.

„Се остваруваат работите кои ги предвидувавме и на кои укажувавме за време на јулскиот ребаланс на буџетот. Што е ова како акт, како чин? Ребаланс кој не носи подобар стандард за граѓаните, нема пари за поголеми плати, нема фискална стабилизација, нема капитални инвестиции, напротив, тие се кратат, ова претставува ребаланс за да се направи задолжување за трошење, односно ребаланс со кој што ќе се пополнат дупките во буџетот“, рече Филипче.

Тој посочи дека власта со новиот ребаланс практично признава дека првично го конструирала буџетот погрешно. Иако со јулскиот ребаланс дефицитот беше зголемен за околу седум милијарди денари со образложение дека парите ќе бидат наменети за капитални инвестиции, сега тие инвестиции се кратат, а дефицитот останува зголемен.

„Тотален дебакл и практично признание дека сè е промашено при конструирањето на овој буџет. Со јулскиот ребаланс, дефицитот беше зголемен за околу 7 милијарди денари. Тогаш, образложението беше дека тие пари ќе одат за капитални инвестиции. Сега, сумата на капитални инвестиции се крати од јулскиот ребаланс, се носи на првично предвидената, а дефицитот останува 7 милијарди денари над почетниот план“, рече Филипче.

Дополнително, наместо планираните приходи да се реализираат, владата повторно ги намалува проекциите, што е уште една потврда за лошото планирање и недостигот на капацитет за управување со јавните финансии. Филипче посочи дека во јули проекцијата на приходите беше зголемена на 379,5 милијарди денари, а сега се намалува за 5,3 милијарди денари, на околу 374 милијарди денари.

„Што значи тоа? Дека на приходната страна сериозно е потфрлено. Јавниот долг расте, ќе достигне 12 милијарди евра, а со долговите на јавните претпријатија, пред сè на Јавното претпријатие за државни патишта, долгот ќе надмине 63% од бруто домашниот производ. Ние немаме капацитет на економијата да го издржиме овој огромен јавен долг“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ предупреди дека за само две и пол години вкупниот долг на државата е зголемен за 50%, од 8 на речиси 12 милијарди евра.

„За две години, практично, две и пол години, за 50% е зголемен вкупниот долг на државата. Од 8 на скоро 12 милијарди евра. При тоа, од тој зголемен долг, од тие нови, скоро 4 милијарди евра, рекорден долг од независноста од 1991 година на државата, граѓаните не видоа ништо добро. Ајде да имаше подобар стандард, ајде да имаше поголеми плати, ајде да имаше поголеми субвенции во земјоделството, да имаше зголемување на приходите преку оброк или преку други извори за студентите, да имаше некаква стимулација на младите да останат во земјата, нешто да се случуваше на квалитативната страна во здравството, ништо не се случува, нешто во образованието, исто така, никој не виде никаков бенефит од ова огромно зголемување, само долгови и камати, кои што ќе ги плаќаат следните кој знае колку генерации“, рече Филипче.

Линк до видео: