Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција го повика гувернерот Трајко Славески веднаш да излезе пред јавноста и да одговори дали се безбедни депозитите на граѓаните и јавните претпријатија во Алта банка. Тој побара оставка од гувернерот и истрага од Основното јавно обвинителство за околностите под кои бил дозволен влезот на банката во Македонија.
„Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека граѓаните очекуваат јасни одговори од надлежните институции и го повика гувернерот да се обрати за состојбата.
„Нормално е дека луѓето се исплашени. Апелираме гувернерот јасно и гласно да излезе и да каже дали има простор за грижа на граѓаните, а гувернерот исто така треба да се соочи не само со својата морална одговорност и да си поднесе оставка, туку да се соочи и со кривична одговорност, за што го повикуваме Основното јавно обвинителство да поведе истрага“, порача претседателот на СДСМ.
Филипче потсети дека Антикорупцискиот тим на СДСМ уште во декември минатата година постави прашања за сомнителното работење на Алта банка во Србија и за дозволата за нејзин влез во земјата. Во тој контекст, побара одговорност за проценката на ризикот.
„Се поставува клучното прашање дали Христијан Мицкоски и Трајко Славески добро го процениле ризикот каква банка влегува во нашата земја или сепак многу добро знаеле за што станува збор и се дел од оваа мрежа мафијашка во Србија“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ го постави и прашањето дали гувернерот бил запознаен со информациите за раководството и потеклото на капиталот на банката.
„Дали тој добро знаел на каква банка ѝ овозможува влез во земјата? Гледаме во изминатиот период информации кои што доаѓаат од Соединетите Американски Држави, нашиот стратешки партнер, а тоа е дека имаше иницијативи да дел од раководството на Алта банка биде ставено на црна листа. Впрочем, тие купија банка од луѓе кои што беа на црна листа на Соединетите Американски Држави“, додаде тој.
Филипче побара институциите да постапат и да ги расчистат сите околности, нагласувајќи дека интересите и сигурноста на граѓаните мора да бидат пред личните интереси на власта.
Линк до видео:
