Соопштение за јавност
Врските на Мицкоски со мафијашката мрежа во Србија мора да се расчистат, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес- конференција. Филипче укажа дека влијанието на Српската напредна странка (СНС) врз ВМРО, работењето на српските медиуми во Македонија, сомнежите околу Алта банка и поврзаноста со лица од криминалните кругови во Србија се прашања за кои власта мора да даде одговори.
„И кога ќе прашате што е српскиот свет, српскиот свет не е братскиот српски народ. Српскиот свет е оваа мафија којашто сега граѓаните и институциите во Србија ја демонтираат, а кај нас се пренесе како директно влијание од СНС на ВМРО и на Христијан Мицкоски“, рече Филипче.
Филипче посочи дека влијанието се шири и преку влезот на медиумите Арена и Евроњуз, за кои СДСМ предупредува дека работат во Македонија со спорни дозволи и правен статус, без реакција од надлежните институции и премиерот.
„Медиуми кои што имаат нелегални дозволи кај нас затоа што тука продуцираат програма, а се регистрирани како странски, додека во Србија не се никако регистрирани, на што исто така укажувавме“, рече Филипче.
Притоа, Филипче потсети и на влезот на Алта банка, за која, според медиумски извори и политички комуникации постоеја сомневања дека е поврзана со криминално стекнати пари, корупција и шверц на дрога. Тој потсети дека СДСМ уште во декември минатата година го постави прашањето зошто на оваа банка ѝ бил овозможен влез во Македонија.
„И сега тоа на што укажуваме изминатите месеци, Алта банка, којашто и според извори на медиуми и наши политички комуникации во Србија беше банка поврзана со криминално стекнати пари од криминал, од корупција, украдени пари од граѓаните, пари кои што потекнуваат од трансфер и шверц на дрога. И вчера таа банка, откако само неколку часа претходно Народната банка на Србија кажа дека сè е во ред, вечерта после полноќ ѝ ја одзеде лиценцата за работа“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче побара од премиерот Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Славески, да одговорат дали го процениле ризикот од влезот на Алта банка во земјава или, пак, биле свесни за сомнежите поврзани со нејзиното работење.
„Нашиот Акт тим на вакво сомнително работење на Алта банка во Србија уште во декември лани го постави прашањето зошто се дозволи влез во нашата земја. Се поставува клучното прашање дали Христијан Мицкоски и Трајко Славески добро го процениле ризикот каква банка влегува во нашата земја или сепак многу добро знаеле за што станува збор и се дел од оваа мрежа мафијашка во Србија“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче го отвори и прашањето за безбедноста на депозитите на граѓаните и јавните претпријатија, како и за одговорноста на гувернерот и институциите да реагираат по случувањата со Алта банка.
„Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија. Се поставува прашањето дали сега некој во Народна банка или во Владата ќе направи нешто да го спречи оваа стампедо коешто веќе се случува пред експозитурите на Алта банка во неколку градови во нашата земја. Нормално е дека луѓето се исплашени. Апелираме гувернерот јасно и гласно да излезе и да каже дали има простор за грижа на граѓаните, а гувернерот исто така треба да се соочи не само со својата морална одговорност и да си поднесе оставка, туку да се соочи и со кривична одговорност, за што го повикуваме Основното јавно обвинителство да поведе истрага“, рече Филипче.
Линк до видео:
