Филипче: Истрага мора да има за тие што ја пуштија Алта банка во Македонија

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието побара Обвинителството да ги истражи околностите под кои бил дозволен влезот на Алта банка во Македонија, потеклото на капиталот и трансакциите во банката. Тој нагласи дека премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески мора да одговорат дали биле испочитувани процедурите и направени потребните проверки.

„Гувернерот треба да одговори на многу прашања, исто така и премиерот Христијан Мицкоски. Како дозволиле влез во земјата на Алта банка? Дали се испочитувани сите процедури? Дали е направена контрола на средствата и нивното потекло коишто влегле при купување на Алта банка?“, праша Филипче.

Тој потсети дека СДСМ речиси една година предупредувал за Алта банка, посочувајќи ги информациите во српските медиуми за луѓето зад банката и за потеклото на парите.

„Укажувавме на тоа дека тоа е банка којашто настанала од една многу мала штедилница, дека тоа се луѓе блиски на Александар Вучиќ, негови пријатели, дека во медиумите имаше информации од Србија дека тоа се пари од криминални, коруптивни сделки, од трговија со дрога, пари опљачкани од граѓаните“, рече претседателот Филипче.

Филипче побара конкретни одговори за проверките на капиталот при преземањето на Стопанска банка Битола, за трансакциите по изборите во Србија и за евентуалниот престој на Давор Мацура во земјава.

„Нека одговорат премиерот и гувернерот дали е проверено потеклото на парите пред да влезе капиталот на Алта банка тука, во Стопанска банка Битола. Има ли потврда за потеклото на парите? Следно прашање: имало ли трансакции после завршувањето на изборите во Србија? Понатаму, нека одговорат премиерот и министерот за внатрешни работи дали Давор Мацура престојувал во земјава изминатите денови?“, праша тој.

Претседателот на СДСМ посебно побара да се испита какви трансакции се вршат во банката додека, според неговите изјави, граѓаните не можат да располагаат со своите средства.

„Денес, кога им се блокирани средствата на луѓето, а им се дозволени трансакции на фирмите коишто имаат таму средства, дали се префрлаат пари и какви пари се префрлаат од еден правен на друг правен субјект? Ако на овие прашања тие не одговараат, ние бараме Обвинителството час поскоро да се вклучи во оваа работа и сите овие прашања да ги истражи“, порача Филипче.

Тој нагласи дека последиците ги чувствуваат илјадници граѓани, меѓу кои и единаесет илјади пензионери кои примаат пензија преку Алта банка.

„Како пензионерите ќе стигнат до пензиите? Како ќе стигнат семејствата? Како ќе стигнат работниците? Како ќе ги издржуваат сега семејствата илјадници луѓе коишто не можат ниту од експозитурите коишто се затворени, ниту од картичките коишто не им работат да стигнат до своите средства? Загрозена е егзистенцијата на овие наши граѓани“, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ најави и парламентарни постапки за утврдување на одговорноста — иницијатива за надзорна расправа и интерпелација за гувернерот Трајко Славески.

„Да видиме како се дојде до оваа ситуација и ќе поднесеме интерпелација за гувернерот Трајко Славески, којшто ги остави семејствата, пензионерите, младите без своите средства“, порача Филипче.

Линк до видео: