Савески да ги одбие повиците од Мицкоски и да отвори истрага за Алта банка!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, го повика јавниот обвинител Ненад Савески да ги одбие телефонските повици и притисоци од Мицкоски , да постапува независно и веднаш да отвори истрага за случајот со Алта банка.
„Сега е на потег Јавното обвинителство и Ненад Савески. Мора нешто да преземе. Прво Савески треба да ги блокира телефонските повици од Мицкоски, да ги одбие нарачките, наредбите од телевизија или од собраниска говорница и да постапува по закон. Во спротивно станува соучесник“, порача Димитријевиќ.

Тој посочи дека одговорноста за попречување на правдата е јасно утврдена во членот 368-а од Кривичниот законик и дека обвинителството мора да ја врши својата функција независно, без политички влијанија.
„Мора да почне да си ја работи работата за која положи заклетва пред народот, а не пред ВМРО“, рече Димитријевиќ.
Димитријевиќ нагласи дека вистината за Алта банка е на виделина, а признанието на претседателот на Советот на Народната банка, Трајко Славески, отвора сериозни прашања за улогата на премиерот во носењето на одлуката.

„Со премиерот секако“ – имаме признание на Трајко Славески дека Мицкоски ја донел одлуката за Алта банка, пералницата на пари на Вучиќ и неговата мрежа“, посочи генералниот секретар на СДСМ.

Тој потсети дека СДСМ алармираше уште пред 11 месеци и предупредуваше да не се дозволи влез на Алта банка во Македонија, но Христијан Мицкоски и Трајко Славески ја внесоа во земјава.

„Додека во Европа имаше санкции и суспензии, додека во Црна Гора имаше одбивање и притисоци што не влегла Алта банка, Мицкоски и Трајко Славески ја внесоа во Македонија. И покрај тоа што Европската централна банка реагирала, и покрај сомнителниот капитал, и покрај тоа што формалниот сопственик имал менувачница, а не банка. Не само што ја донесоа. Мицкоски на седница на Влада носел одлуки јавни претпријатија да ги продаваат акциите на Алта банка. Со одлука на Влада му овозможиле на Давор Мацура да стекне поголем пакет акции на сметка на државата. Банкарот на Вучиќ е и банкар на Мицкоски“, кажа Димитријевиќ.
Димитријевиќ укажа на фактот дека во Србија сега има отворено стечај за Алта банка, Давор Мацура е уапсен, а се води истрага за 380 милиони евра.

„Во Македонија има принудна управа, народот не може да дојде до своите пари и заштеди, пензионерите до своите пензии, фирмите не можат да исплатат плати“, нагласи Димитријевиќ.

Тој додаде дека документите и трансакциите се тука и дека мора да се утврди кој вршел притисок во врска со случајот.
„Затоа Мицкоски е во паника затоа што знае дека ќе одговара. Знае дека документите и трансакциите се тука. Затоа што знае дека не може да се сокрие кој вршел притисок. Затоа прават притисок врз една домашна и една странска банка да се јават како купувачи. Мицкоски јавно признава дека ќе преговара за купување на Алта банка иако Народна банка треба да е независна.“, рече Димитријевиќ.

Линк до видеото :