Банкарот на Вучиќ е и банкар на Мицкоски – СДСМ бара истрага за Алта банка!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Банкарот на Вучиќ е и банкар на Мицкоски, Трајко Славески со својата изјава потврди дека одлуката за влез на Алта банка во Македонија ја донел лично Христијан Мицкоски, а владата потоа носела одлуки со кои му овозможила на Давор Мацура да стекне поголем пакет акции на сметка на државата нагласи генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ и порача дека за сето ова мора да има итна истрага и одговорност.

„Со премиерот секако“ – ова е признанието на Трајко Славески дека Мицкоски ја донел одлуката за Алта банка, пералницата на пари на Вучиќ и неговата мрежа“, посочи Димитријевиќ.

Димитријевиќ потсети дека СДСМ алармираше уште пред 11 месеци и предупредуваше да не се дозволи влез на Алта банка во Македонија, но Христијан Мицкоски и Трајко Славески ја внесоа во земјава.

„Додека во Европа имаше санкции и суспензии, додека во Црна Гора имаше одбивање и притисоци што не влегла Алта банка, Мицкоски и Трајко Славески ја внесоа во Македонија. И покрај тоа што Европската централна банка реагирала, и покрај сомнителниот капитал, и покрај тоа што формалниот сопственик имал менувачница, а не банка“, рече Димитријевиќ.

Димитријевиќ укажа дека во Србија сега има отворено стечај за Алта банка, Давор Мацура е уапсен, а се води истрага за 380 милиони евра.

„Во Македонија има принудна управа, народот не може да дојде до своите пари и заштеди, пензионерите до своите пензии, фирмите не можат да исплатат плати . Затоа Мицкоски е во паника затоа што знае дека ќе одговара. Знае дека документите и трансакциите се тука. Затоа што знае дека не може да се сокрие кој вршел притисок. Затоа прават притисок врз една домашна и една странска банка да се јават како купувачи“, рече Димитријевиќ.

Генералниот секретар на СДСМ повика и Јавното обвинителство и јавниот обвинител Ненад Савески да постапат и да ја испитаат целата улога на политичките функционери во случајот.

„Сега е на потег Јавното обвинителство и Ненад Савески. Мора нешто да преземе. Прво Савески треба да ги блокира телефонските повици од Мицкоски, да ги одбие нарачките, наредбите од телевизија или од собраниска говорница и да постапува по закон. Во спротивно станува соучесник. Мора да почне да си ја работи работата за која положи заклетва пред народот, а не пред ВМРО“, рече Димитријевиќ.

СДСМ бара итна истрага и утврдување одговорност за Христијан Мицкоски, Трајко Славески, Гордана Кочоска и сите инволвирани во носењето на Алта банка во Македонија – за сите кои ја донесоа, помагаа, вршеа притисок врз јавните претпријатија и дозволија ова да се случи.

Линк до видеото :