Филипче: Славески, што ти кажа Мицкоски за Алта банка да влезе во Македонија?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Што разговарале и што му кажал премиерот Христијан Мицкоски на гувернерот Трајко Славески кога Алта банка требало да влезе на македонскиот финансиски пазар? Кои се надлежностите на премиерот во одлучувањето за влез на една банка и зошто гувернерот на независната Народна банка се консултирал со него? Ова се прашањата на кои Трајко Славески мора да даде одговори, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Филипче посочи дека Славески самиот потврдил оти разговарал и се консултирал со Мицкоски во периодот кога Алта банка требало да влезе на македонскиот финансиски пазар.

„Трајко Славески ќе треба да одговори и за тоа што разговарал со Мицкоски. Како тоа се консултирал со премиерот и кои се официјалните надлежности на Христијан Мицкоски во однос на влезот на која било банка, а особено на ваква криминална банка кај нас? Што му кажал кога разговарале? Трајко Славески самиот кажа дека се слушнал и се консултирал со премиерот кога Алта банка требало да влезе на нашиот финансиски пазар“, рече Филипче.

Филипче посочи и на прашањето за проверката на кредибилитетот на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, кој сега е осомничен за криминал во Србија.

„Како дозволи влез на банка за која веќе една година предупредуваме дека е криминална банка, банка во која се перат пари од криминалниот режим на Вучиќ, банка за која сите српски медиуми укажуваат дека е балканска пералница на пари? На кој начин го проверија кредибилитетот на сопственикот Давор Мацура, кој сега е осомничен за криминал во Србија?“, праша Филипче.

Дополнително, претседателот на СДСМ укажа дека се отвораат сериозни прашања и за потеклото на парите со кои работи банката, како и за нејзиното потекло и начинот на кој е основана.

„На кој начин и дали го провериле потеклото на парите за кои сега во Србија се истражува дека се поврзани со работењето на Давор Мацура? Станува збор за единствена банка која е создадена и етаблирана од менувачници. Нема таква практика во светот, освен можеби во земјите од Јужна Америка, каде што се тргува со дрога. Но, тоа не е чудно, затоа што и оваа банка е осомничена дека перела пари, меѓу другото и од шверц со дрога“, рече Филипче.

Филипче нагласи дека станува збор за информации што допрва треба да се разоткријат, посочувајќи и на поврзаноста на организираната криминална група на ВМРО со сестринската партија СНС.

„Како тоа Давор Мацура од страна на Извршниот одбор на Народната банка е именуван за член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола? Сето ова, пред сè, го засега интегритетот на Народната банка. Трајко Славески не може да си поигрува со оваа сериозна институција на тој начин што ќе донесе ваква криминална банка кај нас, загрозувајќи ја стабилноста на финансискиот сектор и финансиите, односно парите на граѓаните, кои сега не можат да дојдат до тие средства“, порача Филипче.

Тој посочи дека последиците ги чувствуваат граѓаните, компаниите и државните институции, кои имаат проблем да пристапат до сопствените средства.

„Како тоа дозволи да се загрози капиталот, односно парите на нашите граѓани? Некој цел живот штеди во Стопанска банка Битола, а сега не може да си дојде до парите. Истото важи и за компаниите и државните институции. Време е Трајко Славески да одговори на сите овие прашања. Меѓу другото, едно од најсериозните е како банка која е казнета во Европската Унија не е санкционирана кај нас. Директно го крши законот, а ги пречекорува и своите овластувања со тоа што не го проверил кредибилитетот на инвеститорот“, истакна Филипче.

Линк до видео: