Колективниот договор за култура мора да се зачува и целосно да се спроведува, а работничките права на илјадниците вработени во културниот сектор не смеат да бидат доведени во прашање, порача Мирче Најдоски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ. Тој повика власта да ги тргне рацете од работничките права, нагласувајќи дека културата не е партиски плен, а културните работници не се колатерална штета на политиките на оваа власт.
Најдоски предупреди дека во Буџетот нема пари за исполнување на обврските од Колективниот договор, документ со кој со години се гарантираат работничките права на вработените во културниот сектор.
„Илјадници вработени во културата се доведени во ризик да останат без колективниот договор и да се вратат на состојбите пред 2020 година. Дали криминалната влада која контролира се во државата, однапред ја знае одлуката на Уставниот суд кој утре треба да одлучува по предметот со кој е оспорен Колективниот договор за културата“, праша Најдоски.
Тој порача дека работничките права не смеат да бидат загрозени и дека Уставниот суд мора да одлучува независно, без политички влијанија.
„Сакаме да испратиме јасна порака: работничките права не смеат да бидат загрозени, а Уставниот суд не смее да стане продолжена рака на која било власт!“, истакна Најдоски.
Најдоски посочи дека Колективниот договор за култура е резултат на долгогодишна синдикална борба, преговори и социјален дијалог, преку кои се обезбедени конкретни подобрувања на материјалниот и професионалниот статус на илјадници културни работници.
„Наместо укинување на договорот што ги штити нивните права, потребно е целосно негово спроведување и реализација“, рече Најдоски, додавајќи: „ВМРО-ОКГ треба да разбере дека Колективниот договор не е партиска придобивка. Тој е договор за работничките права“.
Најдоски посочи дека Владата има обврска да понуди законски решенија со кои ќе се гарантираат правата на вработените, наместо да остане нем набљудувач додека се отвора можноста за нивно уназадување.
Линк до видео:
