Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев вечерва во гостување во Телевизија Телма ги најави процесите што новата Влада предводена од СДСМ и Колаицијата „Можеме“ ќе ги преземе во областа на правосудството.
„Тргнувме со прочистувањето на правосудството онака како што укажа Европската комисија тоа да го направиме. Прочистувањето таргетира индивидуална одговорност и преземање на одговорноста наместо колективната со распуштањето на правосудството. Во минатиот период улогата на Владата беше да ги напише законите, со Венецијанска комисија и со Европската комисија тоа го направивме. Во Парламентот задача беше да се изгласаат тие закони и тоа беше направено дури и во областа на двотретинските закони како што е законот за јавното обвинителство. Делот на практичната примена сега доаѓа на повидок. Преку прочистување во правосудството, секој судија што застарувал предмет ќе биде разрешен од експертска домашна и меѓународна мешовита комисија создадена уште во првите 100 дена ќе ги постави темелите на прочистување на правосудството. Антикорупциска комисија преку УЈП и другите институции ќе врши проверка на имот, потекло на пари на судии, обвинители вклучително и на политичари.“ одговори претседателот Заев на прашање кое се однесуваше на планираното прочистување на правосудството.
Претседателот Заев образложи дека е здраво за државата во следните 4 неповторливи години да ги максимзираме капацитети, да ги дигнеме стандардите и да ги европеизираме институциите.
„Без правна држава и еднакво владеење на законот и правото нема ни економија, нема ни добро здравство, нема ни добро образование. Овде е темелот за се. Затоа велиме уште во првите сто дена стартуваме со оваа постапка за прочеистување на правосудството, ќе има комплетна ревизија и на предметите. Тоа мора да се направи.“ соопшти претседателот Заев во своето гостување на Телма.