Прес-конференција, Јагода Шахпаска, кандидатка за пратеничка на СДСМ од ИЕ 3
Вирусот Ковид 19 е реална појава и затоа никој не смее да ја игнорира оваа закана, бидејќи на тој начин ја загрозува личната и колективната здравствена состојба.
Секаде во светот се применуваат истите мерки за заштита на населението, како основна алатка за намалување на ширењето на заразата. Онаму каде има добри резултати, тоа е така затоа што се почитуваат мерките и препораките на здравствените власти.
Почитувањето на заштитните мерки – носење на заштитна маска, одржување физичка дистанца, хигиена и дезинфекција остануваат единствениот начин, со кој може да се заштитиме како поединци и како општество.
Рестрикциите и повторно затворање се непожелни и може да ги избегнеме само со многу дисциплинирано однесување и прифаќање на новите правила на однесување.
Ова се сериозни времиња, кога сите треба да се однесуваме одговорно, а не да шириме политканство и неосновани обвинувања.
Комисијата за заразни болести е составена од стручни и квалификувани професионалци во областа, со огромна доверба од граѓаните и секој неоснован и политички напад кон неа ја попречува нејзината работа.
Сите одлуки кои досега ги донесе оваа Комисија дадоа резултат затоа што беа епидемиолошки издржани, само и единствено во интерес на заштита на колективното здравје и ставање на епидемијата под контрола.
Сите одлуки или препораки на Комисијата се темелат на претходна анализа на актуелната состојба.
Членовите на комисијата за заразни болести, пред сè се медицински лица, стручни медицински работници кои секојдневно го даваат својот максимум и покрај редовната прекумерна работа што ја имаат како лекари, епидемиолози, инфектолози во борбата со Ковид-19.
Политизирање на состојбата, ставање на кризата со вирусот, во каков било друг контекст, освен здравјето на граѓаните, нема да помогне, а нападот врз Комисијата за заразни болести и нивно етикетирање дополнително им го отежнува работењето. Тоа е неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и треба итно да престане.
Почитувани,
Здравствениот систем е подготвен и организиран да се носи со новите заболени од коронавирусот здравствените власти точно знаат што се случува и имаат капацитет да се справат и со овој пик.
Има суштинска разлика помеѓу првиот бран и овој, тогаш не знаевме што може да очекуваме, во која мера може да се прошири вирусот и колку може да се оптовари здравствениот систем. Сега имаме друга состојба, имаме знаење и ресурси да се справиме и полесно и поефикасно.
Сепак граѓаните се најглавната цел во целокупниот државен систем, влогот на граѓаните и нивната поддршка на институциите се клучни во справување со оваа и секоја друга кризна состојба која го погодува целосното општество.
Сите сме засегнати и како поединци и како држава и сите треба да придонесеме за решавање на проблемот.