Прес-конференција, Коста Петров, потпретседател на СДСМ
Почитувани,
Вистинските, исправни политики на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија носат видливи резултати.
Затоа победи концептот на СДСМ, концептот на Зоран Заев, кој обезбедува повисоки плати за сите, кој ги враќа парите кај граѓаните, кој обезбедува економски напредок и развој.
Иако соочени со најголемата светска здравствена и економска криза од која не е поштедена ниту нашата земја, бележиме раст на просечната плата.
Имено, просечната нето-плата во мај 2020 година, или во време на COVID-19 кризата, е за 1.120 денари повисока во однос на истиот месец лани . Или поконкретно, просечната нето плата во мај 2019 година изнесувала 25.270 денари, а оваа година таа се зголемила на 26.390 денари.
Ако споредиме со месец април, таа е повисока за 560 денари односно во месец април просечна нето- плата во државава изнесуваше 25.830 денари.
Грижата и навремените мерки за спас на работните места, спас на компаниите и стопанството воопшто се потврдуваат.
Конкретно во месец мај, со мерката финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, со 1,7 милијарди денари поддржани се 19.956 работодавачи во кои работат 118.069 вработени.
Со истата мерка, со 86,8 милиони денари поддржани се 5.985 самостојни вршители на дејност.
Додека пак, со мерката субвенционирање на придонеси во време на вонредна состојба во мај се поддржани 2.463 фирми.
Со цел поголема поддршка кон граѓаните и компаниите за време на корона кризата, Владата предводена од СДСМ одлучи мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за исплата на плата да продолжи и во јуни.
За месец јуни, до овој момент се одобрени 19.202 барања, а направена е исплата за финансиска поддршка за 17.905 компании со 101.148 вработени. Одобрената финансиска помош до овој момент, за месец јуни, изнесува 1.404.470.647 денари, односно за трите месеци се исплатени над 76 милиони евра на фирми и самостојни вршители на дејност.
Почитувани,
За изминатите три години преку бројни мерки и политики СДСМ покажа што значи вистинска грижа за граѓаните, за економијата, за државата. Тоа граѓаните го почуствуваа со растот на минималната, просечната плата, пензиите и растот на социјалната помош.
Во таа насока остануваме и понатаму. Со уште повеќе нови политики и мерки кои ќе бидат насочени исклучиво во интерес на граѓаните и државата.