Изјава за медиуми, Љубица Јанчева, претседателка на ОО СДСМ Аеродром
Почитувани граѓани,
Единиците на локалната самоуправа на Град Скопје и Општина Аеродром, предводени од СДСМ и коалицијата во континуитет инвестираат во унапредување на сообраќајната инфраструктура во нашата општина.
Во тек е реконструкција на булеварот Видое Смилевски Бато во Ново Лисиче, на потегот од крстосницата со бул. Февруарски поход до крстосницата со бул. Србија.
Предвидена е целосна реконструкција на коловозот во двата правци со замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници во должина на трасата од 700 метри. Се работи за проект вреден околу 27,3 милиони денари со рок за изведба од 40 календарски денови.
Интензивно се работи и на изградбата на мост преку Вардар кој ќе ја поврзува нашата општина со општините Центар и Гази Баба како модерно булеварско решение со 6 коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки од двете страни и ново булеварско зеленило.
Минатата година целосно беше реконструиран бул. Февруарски поход, а ја завршивме и изградбата на бул. АСНОМ на потегот од крстосницата со бул. Србија до крстосницата со ул. Васко Карангелески.
Преку Општина Аеродром изградивме и реконструиравме голем број улици во сите делови на општината: нови краци на улицата „Пандил Шишков“, нова улица со јавно паркиралиште покрај улицата „Фрањо Клуз“, нова улица „Новопроектирана 3“ кај висококатниците, повеќе краци на улицата „Венијамин Мачуковски“ во Мичурин, улиците „Тодор Чангов 20“,„Тодор Чангов 41“и „Ѓорги Капчев 9“, „Божин Николов – Силни“ во Горно Лисиче и улица „20“ во Долно Лисиче.
Почитувани,
СДСМ и на локално и на централно ниво продолжува со инвестиции во изградба на нова и реконструкција на постоечката патна инфраструктура.
Посветено работиме на проекти важни за граѓаните. Во следниот период инвестираме уште повеќе во Аеродром за да биде уште подобро за нашите сограѓани.
Градиме по план и инвестираме во иднината на граѓаните.