Соопштение за јавност
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ конечно призна дека намерно ја блокира работата на Собранието, истакна пратеникот на СДСМ Диме Велковски во дебатната емисија „Патот кон“ на телевизија Алсат.
Тој прецизираше дека неколку месеци наназад опозицијата има поднесено 471 амандман на Законот за административни службеници, 321 за Законот за високо образование, 488 за Законот за внатрешни работи, 498 за Законот за работни односи, 417 за измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, 606 за измените и дополнувањата на Законот за културно наследство, како и над 3000 амандмани за измените на Деловникот за работа на собранието.
Законите се од исклучително значење за граѓаните, а опозицијата ја блокира работата на Собранието, истакна Велковски, додавајќи дека исто се случува и во комисиите, како комисијата за финансирање и буџет, на чие чело е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, која од октомври 2020 воопшто не разгледувала 30-тина закони.
Парламентарното мнозинство на коалицијата предводена од СДСМ е стабилно, рече Велковски, додавајќи дека, разговараме врз основа на политиките кои што се спроведуваат, а ако најдеме заеднички јазик, парламентарното мнозинство ќе се зголеми.
Во врска со претстојните локални избори, Велковски изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе смогне сили и ќе излезе на избори, а не како што направи со локалните избори во Штип, пред изборите најавија дека ќе учествуваат, па не учествуваа.
Кој ќе победи на изборите ќе кажат граѓаните, порача Велковски и потсети дека ВМРО-ДПМНЕ изгуби на претседателските, парламентарните, па и на локалните избори во Штип.
Во врска со пописот, Велковски нагласи дека тој ќе се одржи како што е предвидено со законот од 1 до 21 април.
Пописот е потребен, ние како држава сме единствени, кои 20 години не сме имале попис, тој е потребен за регионалниот развој на државата, за локалната самоуправа за бизнисот, не само да се преброиме колку сме, рече Велковски.
Тој нагласи дека треба да видиме зошто луѓето се иселуваат, а иселувањето е процес што не е започнат вчера или денеска, туку трае, додавајќи дека на пример во 2002 година во училиште биле запишани 225.000 првачиња, а во 2016 – 185.000 дечиња.
Пописот не е политичка операција, никој не се договарал, ниту може да се договара за тоа, пописот ќе го спроведе државниот завод за статистика и нема да дозволиме политика да влезе во една статистичка операција, истакна пратеникот на СДСМ Диме Велковски во емисијата „Патот кон“ на телевизија Алсат.