Прес-конференција, Миле Талески, пратеник на СДСМ
Почитувани граѓани почитувани претставници на медиумите,
Владата предводена од СДСМ е посветена на градење безбедно, сигурно општество за граѓаните и бескомпромисна борба против криминалот.
Резултатите на надлежните институции кои ги предводи СДСМ говорат за посветеноста за безбедност на граѓаните, ред, правда и дисциплина.
Со редовни, интензивни и неселективни сообраќајни контроли на Министерството за внатрешни работи, 2020 година е година со најниска бројка на жртви во сообраќајот во историјата на државата, 125.
Од 2017 година наваму, овие бројки постојано се намалуваат.
Сериозно се намалени и сообраќајните несреќи со тешки телесни повреди.
Се инвестира и во унапредување на условите за работа на полицајците, се зголемуваат платите, а исплатена е и бонус плата за прекувремени часови сработени во 2020 година.
За три и пол години реновирани се над 46 полициски станици во државата, а за последните 4 месеци реконструирани се 5 објекти.
Во континуитет се набавуваат нови униформи и опрема за полицијата.
Сето ова позитивно влијае на мотивираноста на полицајците.
Нивниот придонес во активностите и мерките за справување со ковид пандемијата е особено значаен.
Се преземаат и редовни, ефикасни акции за спречување на криминални и незаконски активности.
Последен пример за тоа е и акцијата за лоцирање и приведување на лицата креатори на групата „Јавна соба“, како и големата акција во Прилеп каде беше разбиена криминална група која се занимавала со продажба на дрога.
Како пратеник од Прилеп и претставник на моите сограѓани ја поздравувам оваа акција. Во Прилеп и во градовите ширум земјава, се става крај на ваквите групи и на незаконското делување.
Акцијата во Прилеп, како и претходната акција кога беше разоткриена група која незаконски издавала возачки дозволи, а каде беа уапсени и вработени во МВР, ја потврдува намерата да се расчисти и со незаконското работење на одредени полициски службеници и вработени во МВР.
Сето тоа почитувани, влијае врз зголемување на довербата во полицијата, која денес е заштитник и сојузник на граѓаните.
Како одговорна партија остануваме посветени на ефикасна, бескомпромисна и неселективна борба против криминалот и корупцијата на секое ниво. Обезбедуваме ред, правда и дисциплина, градиме систем во кој никој не е и нема да биде над законите.