Одговори на новинарски прашања, Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник
Медиуми: За изборниот модел, денеска Ахмети изјави дека кога се создавала коалицијата, СДСМ тоа не го ни спомнала, дали е ова точно?
Тоа е наша програмска определба, промената на изборниот модел. Апсолутно остануваме на ставот дека треба да има промени во изборниот модел, секако ги почитуваме мислењата и на другите политички опции, парламентарни и вон парламентарни, а со цел да ја унапредиме демократијата. Нашиот став е јасен и за јавноста, граѓаните, медиумите, секако ќе одлучуваме и во Собрание, ќе разговараме и дебатираме по однос на изборниот модел, но секако остануваме на ставот дека треба да има една изборна единица и отворени листи, останува можност да дебатираме и разговараме за тоа кој е најдобриот начин за да се имплементира нов изборен модел во државата.
Медиуми: Имаше информација дека ваш пратеник ја претепал сопругата, доколку се потврди дека тоа е така, дали како партија ќе преземете било какви чекори?
Прво за тоа, мојот колега имаше изјава од Собранието, изјава имаше и неговата сопруга која демантира дека била физички или вербално нападната, и тоа е доказ дека кујните за црна кампања од страна на ВМРО-ДПМНЕ се вклучени на најјако. Како човек можам да коментирам, не можам како политичар затоа што навистина е лично прашањето за мој колега или без разлика и да не ми е колега, за било кој човек, да така јавно се шират лаги и невистини, се вклучуваат најблиските членови на семејството, неговите деца, а со цел да на некаков начин да политички се поентира, сметам дека е крајно безобразно и е очајно. Веројатно ВМРО-ДПМНЕ знае што ги чека на изборите, во хаос и очај не можат да се служат со ништо друго, туку со лаги и невистини што впрочем тоа го кажуваме секојдневно. Ова е уште една од лагите, клеветите и невистините што ги пласира ВМРО-ДПМНЕ на којшто апелираме до граѓаните да не наседнуваат. Повторувам за ова колега имаше и мојот колега Ацевски, изјава имаше и неговата сопруга, каде што и двајцата демантираа за било каков физички или вербален напад.