Изјава за медиуми, Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник
Почитувани сограѓани,
Цели 11 години Владата што тогаш ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ ја игнорираше општина Струмица и нејзините граѓани.
Тоа драстично се промени во последните четири години кога Владата предводена од СДСМ во соработка со општина Струмица вложува во капитални проекти за развој на Струмица и струмичкиот регион.
Започната е изградбата на новата детска градинка во населбата Касарна во Струмица. Објектот ќе се гради на површина од 1.443 метри квадратни со приземје и кат и ќе располага со капацитет за над 300 деца.
Истовремено, преадаптирани се општински простории во градинки во населените места Куклиш и Муртино за 86 деца, а во тек е доградба на градинката Клон 2 во паркот.
Општина Струмица во соработка со Владата на Република Северна Македонија обезбедија средства за изградбата на новата мултифункционална спортска сала во основното општинско училиште „Никола Вапцаров“.
Учениците од ова училиште, во салата изградена по најсовремени стандарди на површина од 1.300 метри квадратни, ќе имаат квалитетна настава по физичко и здравствено образование.
Најзначајниот капитален проект за општина Струмица е изградбата на новиот болнички крак во Општата болница, чија градба беше започната уште пред 33 години.
Над 200.000 жители од Струмица и југоисточниот регион сега добиваат поквалитетни здравствени услуги, а наскоро оваа болница ќе се приклучи на гасоводна мрежа.
Дека се грижиме за нашиот град и работиме на подобрување на квалитетот на животот на нашите сограѓани од овој регион покажуваат и уште многу други капитални проекти како што се уредување на каналот „Крушевска република“ вон урбаниот дел од улицата „Климент Охридски“ до реката Тркајна, мостот на реката Турија меѓу населените места Просениково и Сарај, улицата со шеталиште во Градско Балдовци, реконструкција на патеката до Габровските водопади, изградба на канализациони мрежи во Вељуса и Банско и многу други проекти и инвестиции кои значително го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните од мојата Струмица.
Почитувани,
Со овие капитални инвестиции и проекти покажуваме и докажуваме дека Струмица со поддршка од Владата, навистина е развиен динамичен град, кој се грижи за сите свои граѓани.
Продолжуваме и понатаму да вложуваме во нашата Струмица. Создаваме град со кој можеме да се гордееме.