Прес конференција, Снежана Калеска-Ванчева, пратеничка на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Денеска до Собранието на Република Северна Македонија се доставува Предлог законот за Јавното обвинителство што е во интерес на реформите и правдата.
Со новото законско решение Специјалното јавно обвинителство станува дел од новото Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција.
Токму тоа беше предлог на ВМРО-ДПМНЕ, СЈО да стане дел од Јавното обвинителство кој што беше прифатен.
Предлогот обвинителката Вилма Русковска да го води новото Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција не е одлука на партиите туку логичен след на настаните.
Русковска во моментов е прв човек на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.
Предлог законот предвидува спојување на обвинителствата и оттука логично е мандатот да го продолжи обвинителката која веќе ја извршува оваа функција.
Затоа очекуваме сите пратеници, а особено колегите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат ова законско решение.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мора да покажат конструктивност и да го поддржат новото законското решение за јавно обвинителство.
Мицкоски доаѓа од партијата што и донесе неправда на земјата, тоа ја прави неговата одговорност уште поголема.
Со месеци ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одбиваа дијалог за компромис за Законот за јавно обвинителство кој ќе обезбеди СЈО како структура да ја продолжи својата работа, а случаите во нивна надлежност да бидат до крај расчистени во фер судска постапка.
Борбата против криминалот не познава партиски и други бои.
Треба да се докаже дека принципиелно и бескомпромисно сме за борба против него.
На потег е Мицкоски, да докаже дали е за правда или е за криминал.