Прес-конференција, Каја Шукова, претседателка на Комисија за екологија на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев останува силно посветена на инвестиции во еколошки, обновливи извори на енергија.
Во тој правец, еколошките такси се неизбежен дел од политиките за здрава и чиста животна средина.
Преку нив се поттикнува користење на поеколошки енергенси во секојдневнието, а истовремено, се собираат средства за зелени инвестиции кои потоа имаат повеќекратен и долгорочен ефект за економијата.
Зелената такса која се воведува доаѓа во време кога се укинуваат 3 денари дополнителна акциза која беше воведена кога цената на нафтата беше најниска.
Истовремено, важно е да се знае дека висината на еколошката такса од дериват до дериват се разликува и дека најголема такса се планира за деривати кои и најмногу ја загадуваат животната средина како што се бензинот, дизелот, екстра лесното масло и мазутот, за кои е предвидено таксата да изнесува по 3,5 денари по литар, додека за безоловниот бензин, таксата ќе биде 3,1 денар.
На овој начин, според проекциите, во Буџетот годишно ќе се обезбедат меѓу 50 и 55 милиони евра, средства кои ќе се искористат за нови зелени проекти, инвестиции во обновливи извори на енергија, во енергетска ефикасност и слично.
Борбата против загадувањето предизвикува финансиски импликации. Не смее да се занемари дека е многу поскапо справувањето со последиците од загадениот амбиенталниот воздух врз здравјето на луѓето.
Ова не е кризен данок како што лажно обвинува ВМРО-ДПМНЕ. Овие такси ќе бидат наменети исклучиво за зелени инвестиции и зелени работни места. Тоа ќе придонесе за раст на економијата и за почиста животна средина.
На овој начин дополнително го унапредуваме енергетскиот сектор, затоа апелираме сите пратеници во Собранието да покажат одговорност и да застанат зад законските измени кои носат придобивки за државата, за енергетиката, за животната средина и квалитетот на живот на сите граѓани