Се до 22 август претпријатијата, занаетчиите, фармерите и сите претприемачите од руралните области ќе можат да аплицираат на отворениот повик од програмата ИПАРД 2, вреден 9,6 милиони евра. Како што кажа директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, главната цел е поттикнување на вработувањата и зголемување на економската активност во руралните средини.
Претседателот на Комисијата за земјоделие при СДСМ, Гоце Георгиевски истакна дека висината на финансиската поддршка се движи од 1.500 до 1.000.000 евра, а повратот на инвестициите е во висина до 65% од вкупните прифатливи трошоци.
„Со реализацијата на овој јавен повик, целосно ќе ги искористиме средствата кои ни се располагање од ИПАРД 2 програмата, со што како држава ќе останеме на лидерското место меѓу земјите од Западен Балкан во искористеност на средствата од ИПАРД. Средствата од овој повик, но и од целата ИПАРД 2 програма имаат силно, позитивно влијание врз развојот на постојните, но и отворањето на нови мали и микро претпријатија кои се главните двигатели на домашната економија“ вели Георгиевски.