„Се забележува пораст на преземени активности од страна на институциите за намалување на ризиците од корупција“, покажува најновиот тримесечен Извештај за април – јуни 2021, на „Транспаренси Интернешнл – Македонија“. Според нив се постигнуваат резултати, а извршната власт работи во насока на креирање политики како да се намалат ризиците од корупција во вработувањата со носењето на закони.
Премиерот Зоран Заев, во интервју за „Дојче Веле“, истакна дека извештаите се прифаќаат како поттик за да се оди чекор по чекор кон искоренувањето на корупцијата, а владеењето на правото и еднаквоста пред законите важи за сите без исклучок.
-Имаме повеќе од пет високи политичари кои се во затвор со конечна одлука од Основен и Апелациски суд и кои веќе ги отслужуваат своите казни. Ова е голем е успех во споредба со периодот од пред четири години и тоа е многу очигледно. Секој граѓанин може да го следи трошењето на државните пари, сите процедури за набавка се јавни пред да се потпишат и да отпочнат. Сега во главниот фокус ни е дигитализацијата бидејќи преку неа сакаме да го промениме субјективното однесување на јавната администрација, заклучи Заев, додавајќи дека се реализираат препораките на антикорупциските тела.