Успешно започна спроведувањето на пописот. До 14 септември се попишаа над 600.000 лица, а во претходните 24 часа беа попишани 114 308 лица. Попишувачите велат дека имаат добар прием кај населението, а за лицата кои се во изолација дополнително ќе биде закажан термин за учество во статистичката операција. Согласно првичните податоци, премиерот Зоран Заев пописот веќе го оцени како успешен.
„Се чувствував горд граѓанин во оваа наша земја, затоа што после 20 години со апелот на сите политички субјекти, на сите општественици, со професионалниот кадар на статистика под раководство на директорот Апостол и заменикот директорот, пред се, нашите граѓани во педесетина региони исклучително успешно стартуваше пописот во нашата земја“ изјави Заев, посочувајќи дека добиените податоци ќе бидат сериозен индикатор во креирањето политики.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски информираше дека поради Денот на независноста попишувачите не излегоа на терен, а овој период е искористен да се надминат сите предизвици од технички карактер и увери дека пописот продолжува со нормален интензитет.
Во меѓувреме и Европската комисија ги охрабри сите во Северна Македонија да учествуваат во процесот на попишување на населението и додаваат дека пописот е дел од процесот за пристапување во ЕУ.