Подготовките за спроведување фер и демократски локални избори, во надлежност на Владата, се спроведени во целост во согласност со препораките на ОБСЕ-ОДИХР, вклучувајќи и поголем дел од оние кои се однесуваа и на Изборниот законик, истакнаа премиерот Зоран Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ. Со прифатените амандмани на Изборниот законик во Собранието, се обезбедени дополнителни гаранции за спроведување на локалните избори според највисоки стандарди.
„Како дел од прифатените амандмани е и предложеното дополнување во Законот со кој се зголемувањето на отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси за време на изборниот процес. Во таа насока, за остварување целосен надзор, сите државни институции се задолжени до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за сите моторни возила со кои располагаат со цел увид во нивното користење за време на изборите и спречување на евентуални злоупотреби“, објави министерот Маричиќ.
Премиерот Заев, пак, нагласи дека Република Северна Македонија добила високи оценки за организацијата на последните претседателски, парламентарни и локални избори од ОБСЕ/ОДИХР и дека сега се имплементирани сите дополнителни барања за унапредување на изборниот процес, вклучувајќи го новиот начин на идентификација со отпечаток од прст за што во избирачкиот список со новите амандмани е додаден и посебен бар код за поголема контрола на гласањето.