Продолжува трендот на пораст на економската активност во Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ), потврди директорот Јован Деспотовски, кој исто така најави три странски инвестиции и тоа во зоните во Скопје, Штип и Кичево.
„Една од овие инвестиции ќе биде во Штип, една во Скопје и една која е веќе лоцирана во Кичево и станува збор за проширување на капацитетот. За овие инвестиции разговорите се веќе завршени и усогласените договорите се веќе испратени во соодветните институции. Заедно со овие три нови странски инвестиции од почетокот на годината вкупно имаме 160 милиони евра нови странски инвестиции и над 2.500 нови работни места“, рече Деспотовски.
Тој кажа дека вкупното ниво на нови странски инвестиции кои се веќе договорени, потпишани или се во процедура на одобрување во Влада е близу 160 милиони евра, а очекуван е и извоз кој ќе се генерира од тие инвестиции во наредните 10 години од близу три милијарди евра. Бројот на вработени во август 2021 година во споредба со ланскиот август, посочи, бележи пораст од 7,35 проценти.
„Трендот на пораст и кај бројот на вработени е евидентен. Компаниите со кои веќе имаме потпишано договори имаат обврска да отворат 7.000 работни места и настојуваме овој тренд дополнително да се засили во периодот што следи и до крајот на 2022 година во ТИРЗ да работат околу 20.000 вработени во кои не влегува бројот на вработени што ги планираат инвеститорите со кои сега се преговара и со кои годинава се склучени договор“, заклучи Деспотовски.