Реформите во правосудството остануваат високо на агендата на Владата, уверува министерот за правда Бојан Маричиќ, додавајќи дека сега сме на вистинскиот пат кон исполнување на целта за независен, професионален, транспарентен и ефикасен правен систем. Говорејќи на трибината посветена на Стратегијата за реформи, тој истакна дека е задоволен од резултатите и темпото на спроведување на измените.
„Практиките во судството се менуваат благодарение на чекорите кои ги преземаме. Граѓаните веќе ја забележуваат проактивната улога на Судскиот совет. До денес имаме 16 разрешени судии, поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Ова е факт кој говори дека законските измени за реформирање на правосудството и враќањето на довербата на граѓаните во судството, не се само на хартија, туку се функционални и истите се применливи во пракса“, потенцираше Маричиќ.
Министерот кажа дека промени има, но дека ќе треба уште работа и посветеност и воедно најави нови мерки со цел зацврстување на правната држава.