Измените на Законот на облигационите односи на предлог на СДСМ ставија крај на големата неправда кон граѓаните. Од први октомври каматата повеќе не смее да биде повисока од износот на долгот, при што директна корист ќе имаат граѓаните и компаниите, а новото законско решение ќе се однесува на долгови од секаков карактер, на пример за застарени сметки за струја, вода, телекомуникациски услуги, обврски кон банки и слично.
„Тоа значи дека ако одреден граѓанин или фирма имале долг од пред десеттина години, на сума од 1.000 денари, каматите што се таложеле со години и кои на крајот ќе треба да ги плати, нема да бидат повисоки од 1.000 денари. Со овие измени ставаме крај на ситуациите кога за долг од на пример 500 денари должникот мораше да плаќа 5.000, 8.000 па и 10.000 денари по основ на камати“, изјави пратеничката Лидија Тасевска.