„Проектите за кои зборуваме може да ги испорача само СДСМ. Ова ВМРО-ДПМНЕ е продолжение на режимот, навикнат да ги краде народните пари. Затоа е опасно да им се довери раководење на некое гранапче, а не пак општина или држава. Слушнавме колку милиони евра се злоупотребени на изградба на 300 споменици, додека сиромашни граѓани спиеја по улици“ – кажа лидерот на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Виница.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ со закани и притисоци го обезбедуваше молкот за нивното режимско и криминално владеење. Потсети како беа местени изборите во минатото и дека граѓаните биле присилени да гласаат. Ако се направи споредба, денес имаме транспарентност и отчетност на највисоко ниво и денес се знае се и се е достапно на еден клик. Први сме по транспарентност во регионот, без контрола врз медиумите и газење по достоинството на граѓаните. Слободно се говори, а гласот на граѓаните се слуша и уважува. Во последните шест изборни циклуси гласачите го даваат својот глас во слободна, демократска и мирна атмосфера.
Сето ова ја испраќа пораката до граѓаните дека на државата не смее да и се повтори режим, дека курсот сега е кон Европската Унија и дека не смее да се дозволи одново некој да ја влече Северна Македонија кон минатото.