Соопштение за јавност
Формирањето на нови влади и кај нас и во Бугарија дава нова шанса и надеж во разговорите што ги водиме со нашиот сосед, вели претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за МИА.
„Веќе имаме поставени основи за разговорите кои ни даваат слика каде се застанати преговорите и како треба да продолжиме. Со новиот премиер Петков очекувам дека ќе изградиме коректен и пријателски однос, а реториката меѓу двете држави ќе биде на високо ниво. Тоа е предуслов да напредуваме. Зближувањето и соработката меѓу двете земји во сите области од животот е важен предуслов за отстранување на сомневањата и погрешните перцепции. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји.“ вели Ковачевски.
Претседателот на СДСМ и мандатар во интервјуто за МИА додава дека гласот на омразата мора да се стиши и двете држави да се посветат на заедничкиот интерес на народите и на државите, преку взаемно почитување и градење иднина.
„Треба да се стиши гласот на омразата. Имаме реално повеќе сличности од разлики како држави и мора да се концентрираме на заедничкиот интерес. Само со ваков пристап ќе бидиме запаметени како лидери кои балканските конфликти ги надминале со европски пристап. Преку политика на взаемно почитување, градење иднина, соработка и компромиси“ вели Ковачевски.