fbpx

Колумна на Фатмир Битиќи: Храбро стоиме пред отворена борба на два фронта

Facebook
Twitter
LinkedIn

Храбро стоиме пред отворена борба на два фронта

Како одминува оваа 2022 година станува се појасно дека оваа Влада, во претходниот, но и овој условно „нов“ мандат, најголем дел од својот институционален капацитет го имаме сконцентрирано на борбата на два фронта. Едниот, кој тлее уште од пред две години, кога започна здравствената криза која беше комбинирана со енергетската криза која се појави на крајот од минатата година. Но сега, во пикот на енергетската, се исправаме пред воената криза која не се случува на наша територија, но секако има и ќе има огромно влијание, особено врз економските текови во државава.

За санирање на последиците од здравствената криза и за зачувување на работните места како и на ликвидноста на бизнисот беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, а со кои беа сочувани околу 60-80.000 работни места и беа поддржани преку 20.000 компании кои беа под директно влијание на ковид кризата и ограничувањата кои на директен и индиректен начин влијаеа на секојдневните бизнис операции.

Со почетокот на енергетската криза исто така бевме исправени пред предизвикот да го амортизираме ударот, бидејќи ние како Влада не смеевме да оставиме цените да се покачуваат и да ги оставиме да се движат како ги диктира пазарот, затоа што заштита на и онака веќе кревкиот стандард на граѓаните по две години економска криза предизвикана од КОВИД е наш императив. Токму затоа, за амортизирање на енергетската криза, досега веќе имаме алоцирано преку 150 милиони евра, дел за заштита на граѓаните од енормните пазарни покачувања на цената на струјата и дел за обезбедување доволно домашно производство кое ќе не заштити од рестрикции или недостиг на електрична енергија.

Воената криза која започна неодамна со воените дејствија на околу 1000 километри североисточно од нас секако дека ќе влијае на нашата економија од неколку аспекти кои ќе влијаат на секојдневното функционирање и очекувањата на бизнисот кај нас. Најголемо влијание ќе има во се поголем недостиг на полу-проводници (semiconductors) кои се користат во автомобилската индустрија, но не само. Овој недостаток кој и досега беше присутен, особено откако започна корона кризата заради нарушените синџири на снабдување, отсега натаму се очекува да биде уште понагласен. Ова се случува затоа што во производството на еден од клучните елементи за производство на чипови, а тоа е неонот, Украина учествува со околу 50% од вкупното производство на светско ниво. Автомобилската индустрија има земено силен замав во нашата земја во последните 10-ина години, и истата го прави најголемиот дел од извозот во државава, па оттука ваквиот развој на настаните дополнително ја влошува и онака лошата ситуација. Вториот голем сегмент на кој воените дејствија ќе имаат влијание се прехранбените продукти кои во нашата земја во најголема мера се увезуваат од Украина и Русија. Тука на прво место се истакнуваат пченицата и останатите житни култури кои, пред сѐ, се користат за производство на лебно брашно, како и сончогледот кој е суровина за производство на масло за готвење. Секако, предизвикот пред кој сега сме исправени е дали и како е возможно да се ублажи негативниот ефект на оваа криза. Секоја влада па и нашата се обидува да направи максимум што е возможно во контекст на ублажување на ударот на засилените надворешни економски влијанија. Во таа насока, само со иницијално објавениот пакет мерки за ублажување на влијанието на енергетската и воената криза, пред неколку дена, оваа Влада ќе интервенира со мерки во вредност од околу 400 милиони евра (поддршка и откажување од буџетски приходи) со кои ќе се амортизира ценовниот удар врз оние граѓани кои имаат најнизок животен стандард во нашата држава.

Вториот фронт на кој оваа Влада ќе работи со уште позасилено темпо и нема никаква намера да се откажува е спроведувањето на големите јавни инвестициски проекти, кои се многу значајни за сите наши граѓани. До сега со зацртаниот интензитет се одвива финиширањето на експресните патишта Штип – Кочани и Штип – Струмица, изградбата на експресните патишта Куманово – Деве Баир и Градско – Прилеп, како и автопатот Кичево-Охрид, до крај на годината би требало да започнат градежни активности на Коридорот 8 (Тетово-Гостивар-Кичево како и Требеништа – Ќафа Сан) како и коридорот 10д (Автопатот Прилеп – Битола). Во исто време се одвиваат и големи инвестициски зафати за одржување и подобрување на далеководната мрежа на МЕПСО, пред се конекцијата со Албанија, а на локално ниво во тек се изградби на неколку пречистителни станици, брани, водоводи, канализации и други инфраструктурни објекти кои се неопходни за граѓаните, а се финансираат од централниот буџет на Република Северна Македонија. Владата води сметка кај ниту еден од претходно споменатите проекти, или области да нема никаков застој како во финансирањето така и во изведбата, со што од една страна ќе овозможи подобри услуги за граѓаните во оптимален временски рок, а од друга страна и широк простор за ангажман на домашните компании во изведбата на сите овие проекти.

Храбро стоиме пред отворена борба на два фронта, но искуството од последните две години покажува дека со партнерски однос можеме да се исправиме пред секој предизвик и да поминеме низ него. Секој со својот придонес и посветеност може и треба да учествува.

Последни вести