fbpx

Во кое својство Јорданов ја ангажира цистерната од ЈП Комуналец од Гевгелија во Штип

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес-конференција – Златка Иванова Илиева, советничка во Советот на Општина Штип од редовите на СДСМ и коалицијата

Почитувани,

После шестмесечен зимски сон, градоначалникот Јорданов привремено се буди. Денешното будење на градоначалникот ќе биде кратко, не за да одговори на потребите на штипјани, што е негова примарна обврска, туку само за да изврши партиска наредба – да го пречека партискиот лидер Мицкоски.

Јорданов го пречекува Мицкоски додека Штип тоне во ѓубре и нечистотија, обраснат во трева, со раскопани улици, и нови депонии, без ниту еден важен проект, затоа што тој и надлежните јавни претпријатија се во шестмесечен длабок сон. Доказ за тоа дека Јорданов и локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ се комплетно неспособни и не знаат како да си ја вршат работата е и цистернатата која вчера пристигна дури од Гевгелија, за колку-толку да им ги зачисти улиците.

Ваква цистерна во Штип не беше ангажирана пред неколку месеци, кога штипјани неколку дена ненајавено беа без вода за пиење. Но, кога е во прашање доаѓањето на Мицкоски, истата експресно пристигна, по партиска наредба, за партиски настан. Гевгелиската цистерна е убава илустрација на фактот дека приоритетите на Јорданов не се граѓаните на Штип, не се потребите на штипјани, приоритетите на Јорданов се само партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ.

Во пола година, колку што е на власт, Јорданов ниту најавил, ниту почнал проект кој е од важност за Општина Штип. Ја замајува јавноста со козметички решенија од кои штипјани немаат никаква корист. Додека единствените суштински важни и инфраструктурни проекти во Штип се во целосна реализација на централната власт предводена од СДСМ, штипската локална власт предводена од ДПМНЕ спие на инфраструктурен и комунален план.

Ефектите од шестмесечниот длабок сон не можат да се сокријат. Градот е во очајна состојба и тоа ниту една позајмена цистерна и ниту една посета од Мицкоски не може да го сокрие.

Жално е што граѓаните се приморани да ги трпат ефектите од неодговорното и строго партиски ориентираното владеење на Јорданов уште три и пол години.

Последни вести