Соопштение за јавност
ВМРО-ДПМНЕ е единствената неодговорна опозициска партија во Европа којашто блокира закони важни за граѓаните во време на криза, рече во одговор на новинарско прашање премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„Единствена неодговорна опозиција во цела Европа која што наместо да низ дијалог во Собранието и во собраниските комисии каде што и е местото за носење и унапредување на законските решенија, единствено што прави е блокирање на законите кои што се од интерес на граѓаните и компаниите.“ рече Ковачевски.
Премиерот и претседател на СДСМ потсети дека ВМРО-ДПМНЕ всушност цели 2 години во собранието блокира различни закони.
„Јас само ќе се потсетам, законот за служење во Армијата е блокиран, законот за Буџет на државата 2 години е блокиран во Собранието, Законот за наставници и низа други закони. Само од името на законите гледате дека тоа се закони за одредени групи на граѓани во државата.
Ние имавме кредитни линии кои што по две години беа блокирани, зошто, ако ги прашате не можат да ви кажат ниту еден аргумент, таму беа блокирани по 2 години“ рече Ковачевски.
„Затоа сметам дека опозицијата конечно треба да биде на ниво на задачата, пратениците од опозицијата како што важи за сите други пратеници треба да работат во интерес на граѓаните, затоа што политичките партии не бираат пратеници во Собрание, туку политичките партии предлагаат а граѓаните се тие кои што ги бираат пратениците за да работат во нивни интерес.“ додаде премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.