Соопштение за јавност
Организациониот секретар на СДСМ Вангел Андрески на граѓанската трибина под мотото „Силно и одлучно кон иднината“ денеска во Демир Хисар, порача дека во време на најголема економска и енергетска криза СДСМ има решенија за предизвиците и успешно менаџира со кризата.
Не седиме по кабинети туку сме заедно со вас, со граѓаните. Сакаме да разговараме за мерките и политиките на СДСМ и претседателот Ковачевски, да дадеме отчет што е сработено, но и да слушнеме ваши предлози, забелешки, мислења, истакна Андрески.
Тој нагласи СДСМ одлучно се справува во предизвиците што ги носи денешната економска и енергетска криза.
Уште во првите сто дена од мандатот донесовме одлука на зголемување на минималната плата на 18.000 денари за сите работници, просечната плата продолживме да ја зголемуваме и во услови на криза, изнесува 31.812 денари во септември, истакна Андрески, додавајќи дека со новата методологија за усогласување на пензиите тие се зголемија за 10 отсто, а со следното усогласување 330.000 пензионери ќе имаат пензии повисоки за 16 отсто и тоа за само 12 месеци.
Во првата половина од оваа година донесовме пакет од 26 антикризни мерки вреден 400 милиони евра за помош на граѓаните и стопанството, и не застанавме тука, месецов, донесовме нов пакет на мерки за помош вреден 350 милиони евра, каде директно им се помага на над 200.000 граѓани кои се со ниски примања, нагласи Андрески.
Тој истакна дека во време на енергетска криза се активирани сите расположливи капацитети за да се зголеми домашното производство на електрична енергија и да се намали зависноста од увоз.
Струја и енергенси ќе има доволно. Државата ќе продолжи да ја субвенционира со 80 отсто сметката за струја за над 600.000 домаќинства и 72.000 мали компании, порача Андрески.
Тој нагласи дека додека СДСМ презема навремени и ефикасни мерки, од ВМРО-ДПМНЕ не се откажуваат од деструктивното и штетно дејствување.
Во Собранието пратениците на ВМРО-ДПМНЕ упорно блокираат над 50 закони во интерес на граѓаните и државата. Меѓу нив и законот кој обезбедува 100 милиони евра за непречено работење на ЕСМ во време на криза. Не се точни лагите за затворање на ТЕЦ Неготино ниту на РЕК Битола, истакна Андрески.
Тој додаде дека на локално ниво, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ цела година не работат ништо, нема ниту еден нов проект, а многу од наследените проекти се намерно прекинати и не се реализираат.
Гледаме само масовна партизација на единиците на локалната самоуправа и расипничко трошење на парите на граѓаните, наместо заштеди и помош, дополнително удираат по џебот на граѓаните зголемувајќи ги цените на комуналните услуги, наместо да ги реализираат програмите и да работат за тоа што се избрани, тие бегаат од граѓаните и отчет му поднесуваат на партискиот шеф Мицкоски, рече Андрески.
Очигледна е разликата помеѓу нашиот одговорен, чесен и домаќински пристап и деструктивниот, неодговорен и нечесен однос на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, порача организациониот секретар на СДСМ Вангел Андрески на граѓанската трибина во Демир Хисар.