fbpx

Колумна на Стефан Богоев: Десно кроше од “левицата”

Facebook
Twitter
LinkedIn

Десно кроше од “левицата”

Политичките партии и политичари во светот, а и кај нас, во потрага по глас плус, често одлучуваат да експериментираат со базичните идеологии на партиите. Па така, неретко ќе видите десничарски партии забегани во левичарски идеи или пак левичарски партии сликани во црвки или џамии. И сето тоа, особено кај нас почна да станува нормално.

Да не бидам сфатен погрешно, самокритичен сум и за себе и за мојата партија бијдеќи и ние знаеме некогаш да “залетаме” во десничарски води само за да им се допаднеме на гласачите.

ВМРО – ДПМНЕ од друга страна, освен што ги злоупотребува четирите букви со децении и сака преку нив да прикаже револуционерен континуитет со Делчев или Карев, имаше период во време на Груевски во кој се сврте радикално кон античко минато и поистоветување со Александар Македонски и Филип втори. Во таа партија, секој претседател како да има своја потреба од свое толкување на тоа каде припаѓа и чиј континуитет продолжува партијата, а Мицкоски пак сега се врзува во континуитет со Ванчо Михајлов. Не можеш да им најдеш ни глава, ни опашка.

Но, се чини дека во овој идентитетски и идеолошки, политички хаос, убедливо предничат Апасиев и Левица. Партијата изникна од движењата Ленка и Солидарност и третираше клучни теми, идеи и визии за социјална правда, еднаквост, солидарност, работнички права… Беше презентирана во јавноста како партија од левиот блок, со хоризонтален начин на одлучување во кое има Президум кој заеднички и демократски одлучува. Сите се еднакви и нема дури ниту прв меѓу еднаквите. Со овие идеи и овој начин на функционирање и одлучување Левица настапи самостојно на изброите во 2016 за прв пат. Освои околу 12 000 гласови и нула пратеници.

Како што веќе кажав, некои политичари за гласови се спремни на се. Поучен од примерите низ Европа на радикалните десничари и националисти како Златна зора во Грција или своевремено Шешељ и радикалите во Србија, лукавиот Апасиев сфати дека е потешко левичарските идеи за еднаквост и правда да ги долови на гласачите отколку да продава ефтин национализам и квази десничарски идеи.

За оние кои не го знаат, Апасиев беше задолжен во време на режимот одвнатре да ги раскара и уништи движењата против режимот како движењето АМАН кое протестираше против покачувањето на цените или движењето кое бараше правда и одговорност за убиството на младиот Мартин Нешковски. Секогаш кога на режимот на Груевски ќе му “згуснеше” од граѓански простести, Апасиев настапуваше на сцена. Да направи поделби и одвнатре да го задуши движењето. Но за Апасиев и неговите конекции со режимот во некоја друга прилика.

Апасиев успеа да ја превземе на сомнителен начин партијата од неговите некогашни другари и основачи на истата, да го укине хоризонталното одлучување и да се востоличи себеси како владетел на Левица. Од демократска ја претвори во султан партија, од левичарска во радикално десничарска. Заборави на еднаквоста и социјалната правда, а се сврте кон национализмот, антиката и црквата. Замислете, партија која се вика Левица се слика со антички знамиња во двор на една црква во скопско.

Салто морталето на Апасиев и Левица од идеолошки аспект е нивни проблем, а како може да наштетат на иднината на државата е наш, проблем на сите граѓани. Тие сакаат Македонија да биде изолирана, а навидум горда. Тие сакаат да не оддалечат од Европа и да не осиромашат, а тоа да ни го презентираат како национална победа. Левица е фарса и фасада на една скриена и трула радикално десничарска идеа на еден искомплексиран и невротичен човек.

Од друга страна, “бркајќи” исти гласачи, заложникот Мицкоски мора да ги следи налудничавите ставови на лажната левица. Но затоа ние, слободоумните и прогресивни граѓани, ние кои сакаме подобар, европски животен стандард и безбедна иднина во нашата држава, мора да се обединиме. Може да се разликуваме по многу работи и тоа е нормално, но не обединува желбата за подобро утре и за поубава и побогата иднина за нашите деца тука, во модерна и европска Македонија. Затоа сме должни да застанеме сите заедно на станата на напредокот наспроти мрачната страна на Апасиев и заложникот Мицкоски.

Последни вести