Историски гледано, ВМРО-ДПМНЕ нема поддржано ниту една голема одлука за напредок на државата, ако ги погледнете ставовите на партиите јасно се гледа дека по ниту едно државно прашање ВМРО-ДПМНЕ нема став, визија ниту одлучност, вели во интервју на неделникот „Фокус“ претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.
„Долго размислувам околу прашањето на откочување на патот на евроинтеграциите. Ние 17 години бевме во чекалната и благодарение на тешката одлука ова лето ги започнавме преговорите со ЕУ со заштитен македонски идентитет, јазик и со историските прашања надвор од преговарачката рамка. Од друга страна, историски гледано, ВМРО нема поддржано ниедна голема одлука за напредокот на државата. Така беше и со членството во НАТО, така е и сега. Но, кога ќе ја погледнете реториката и жестината во градењето на политичката хистерија, тогаш најголемата опасност за евроинтеграцискиот процес лежи во Левица и Апасиев, кои имаат јасни ставови против зачленувањето во ЕУ и членството во НАТО, па дури предлагаат и некакви алтернативи кои не се согласно очекувањата и целите на граѓаните. Ако добро ги погледнете ставовите на партиите, јасно се гледа дека по ниту едно прашање ВМРО нема став, визија и одлучност.„ вели Ковачевски.
Ковачевски наведува дека заради натпревар со Левица, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се во целосно заложништво .
„Сетете се само кога Мицкоски пред тогашниот бугарски премиер Борисов велеше дека го поддржува договорот за добрососедство со Бугарија. Потоа, сетете се како со следниот премиер Петков кажа дека поддржува уставни измени, за потоа да каже дека не поддржува уставни измени, па дури и бараше и нотарски изјави од пратениците. Па, потоа кажа дека ако има гаранции од ЕУ ќе поддржат уставни измени, па пак го смени ставот и кажа дека по ниедна цена не поддржува уставни измени. Сето тоа е заради натпревар со Левица во крајниот десен спектар во гласачкото тело и тоа, според мене, ги прави заложници на Левица.“ вели претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во интервју за неделникот Фокус.