Интервју на потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири за Стандард.мк.
Потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири одлуката на премиерот Зоран Заев за предвремени парламентарни избори ја коментира како голем демократски и морален чин што досега ниту еден лидер кај нас не го направил.
Зекири во пресрет на изборите закажани за 12-ти април вели дека граѓаните ќе имаат лесен избор, треба да решат меѓу СДСМ која за неполни три години од заробена држава Република Северна Македонија ја доведе во стадуим да биде една од најпочитуваните земји во светот, и како што вели, од друга страна ВМРО-ДПМНЕ која не може да излезе од матрицата на криминалецот Груевски.
Се уште „врие“ во општеството од негативната одлука од Брисел за датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Според Вас, што беше причина за ваквиот став, пред се на Макрон, поради кој останавме извисени? Дали ги исполнивме сите услови кои беа потребни да добиеме датум? Што понатаму?
Ние како држава испорачавме сѐ што од нас беше побарано. За жал, ЕУ не испорача тоа што вети, односно тоа што го заслуживме како држава. Впрочем за прв пат првите луѓе од Брисел признаа дека е направена историска грешка што Франција не дозволи да се даде датум за отпочнување на преговори за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.
Ставот на Макрон, односно Франција, не може поинаку да се толкува освен како битка во самата Унија меѓу поголемите земји членки да се покаже кој е посилниот, а во случајов нашата земја и Албанија се само колатерална штета. Ние како и сите граѓани оправдано сме разочарани од ваквиот став на Франција, но секако не губиме надеж дека и официјален Париз набрзо ќе го промени ставот за доброто на целиот регион. На тоа укажува и усвоената резолуција во Европскиот парламент и иницијативата на Италија во ноември повторно да се отвори прашањето за доделување датум за отпочнување на преговори со нашата земја.
Како ја оценувате одлуката на премиерот Зоран Заев за предвремени парламентарни избори?
Тоа е голем демократски и морален чин што досега ниту еден лидер кај нас не го направил – да презеде одговорност дури и кога воопшто не е виновен за одлуката на Франција да нè блокира. Како премиер го прифати барањето на опозицијата и побара што е можно побрзо да одиме на предвремени избори и граѓаните да решат по кој пат сакаат да продолжи нашата земја – по вистинскиот и прав пат, или по патот на обновата на режимот на ВМРО-ДПМНЕ кој нуди само враќање на страв, насилство и грабеж на граѓаните.
Што не очекува во предизборието? Дали политичката сцена повторно ќе биде место за раздор на двете најголеми политички партии во земјава?
Изборите, односно самата кампања вообичаено е арена на соочување на програмите на партиите со аргументи: што ново нудиме, што сме исполниле од претходно ветеното? – Изборот на граѓаните нема воопшто да биде тежок на претстојните избори. Треба да решат меѓу СДСМ која за неполни три години од заробена држава Република Северна Македонија ја доведе во стадуим да биде една од најпочитуваните земји во светот; впрочем до одржувањето на предвремените избори ќе бидеме и горда 30-та членка на НАТО! Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ која не може да излезе од матрицата на криминалецот Груевски, нивниот почесен претседател и кои по секоја цена продолжуваат да се борат да ги бранат сите нивни функционери против кои има отворени истраги за тешки криминали. Нивното доаѓање на власт има само една цел, амнестирање на криминалците од своите редови, вклучително и осудените за настаните од 27ми април.
Премиерот Заев рече дека се плаши од враќање на национализмот. Како ги оценувате изминатите две години по тоа прашање, дали беше нормализирано прашањето на мирна и хармонична меѓуетничка атмосфера во земјава? Постои ли ризик со враќањето на власт на сега опозициската ВМРО ДПМНЕ да се вратат и тензиите меѓу Македонците и Албанците, по автобуси, училишта, во местата со мешан етнички состав…како што посочи Заев?
Граѓаните се сведоци какви всушност се меѓуетничките односи по нашето доаѓање на власт. Концептот на “едно општество за сите” е најдобрата формула за релаксирани меѓуетнички односи. Се случило ли во овие три години во медиумите да доминираат теми за меѓуетнички тензии? Сте чуле ли за полициски акции како во минатото во таргетирани населени места единствено со цел подигање на меѓуетнички тензии? Имало ли тепачки по автобуси меѓу млади Албанци и Македонци, што за жал беа секојдневие за време на режимот? – Нема!!!
Немало, ниту ќе дозволиме да има затоа што граѓаните ни се во прв план и мора и во јавноста да доминираат теми во нивен интерес: како да се подобри стандардот на живеење на нашите граѓани, како повеќе пари државата да врати кај граѓаните и како да успееме младите да ги задржиме тука во нашата земја.
Што очекувате од Законот за употреба на јазиците? Каква е јавната свест за корисноста/штетата од овој закон во насока на почитување на правата на сите граѓани на државата?
Никому не се наштетува ако стекне право, а притоа не се загрозува нечие друго право. Ако Вие и понатаму си зборувате македонски, каква штета имате од тоа ако некој друг во службена комуникација го употребува својот мајчин јазик? Таков е и примерот со Законот за употреба на јазиците. Без основа се подигаат тензии кога на дневен ред се вакви прашања, а потоа откако ќе се решат самата јавност е сведок дека всушност никој ништо не изгубил! Впрочем, не сме единствен пример во европски или светски рамки каде функционира дво-, а некаде и повеќејазичност.