fbpx

Колумна на Перо Костадинов: БЕСПЛАТНИ ДЕТСКИ ГРАДИНКИ – ЕДНАКВА ШАНСА ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ

Facebook
Twitter
LinkedIn

​Соочени со периодот на здравствена и енергетска криза, кои предизвикаа поголеми социјални разлики, финансиски проблеми за граѓаните и неизвесност во заедницата, во општина Валандово воведовме нова солидарна мерка која има за цел да ги постави темелите на вредносен модел во кој веруваме и да поттикне на суштински идеолошки промени пошироко од нашата локална заедница. Се работи за нова мерка која предвидува бесплатна детска градинка за сите деца од општината, започнувајќи од овој месец и која е само дел од концептот за репрограмирање на системот преку кој дополнително би се зголемувала солидарноста и рамноправноста во заедницата.

Мерката со која детските градинки стануваат бесплатни за сите деца без исклучок, има повеќе цели истовремено. Најпрво, сакаме да помогнеме на родителите и да ги ослободиме од финансискиот товар кој го имаат покрај се останато, за овозможување на квалитетен воспитно – образовниот процес на своите деца. Се работи за средства кои секое семејство ги издвојува секој месец, а кои на годишно ниво за семејство со две или повеќе деца на претшколска возраст воопшто не се занемарливи. Целта е најдиректно да ги помогнеме буџетите на семејствата со мали деца, да почуствуваат поддршка од локалната самоуправа кога е најтешко и да можат полесно да ги пребродат инфлаторните текови на денешницата.

​Втората цел е создавање можност секое дете да биде згрижено во детска градинка. Тоа е исклучително важно за нас. Предучилишните установи и програми за згрижување на деца ги опфаќаат посебните начини на кои малите деца се развиваат и учат. Преку нив децата учат да бидат во синхронизација со социјалните, емоционалните, когнитивните и нивните физичките способности. Градинката ги надоградува овие квалитативни основи, на кои детето ќе се потпира во текот на неговиот адолесцентски и возрасен живот.

​Со имплементација на мерката, очекуваме вклучување на сите деца во градинките наредниот период и силен импакт во процесот на создавање здрави и подготвени индивидуи за иднината. Како дел од процесот, изминатиот период ги зголемивме дополнително капацитетите за згрижување во нашата општина. Изградени се две комплетно нови градинки по највисоки стандарди, целосно ја реконструиравме централната градинка и започнавме постапка за планирање и изградба на уште една нова детска градинка.

Покрај претходните директни влијанија, мерката има за цел индиректно да иницира намалување на родовата нееднаквост и да биде поддршка на мајката во општеството. Неможноста да го вклучат своето дете во предучилишните установи, најчесто несразмерно ги погодува жените, кои речиси секогаш ја сносат одговорноста за грижата на своите деца. Неможноста да одат на работа, дополнително го загрозува опстанокот на семејството, ја оневозможува жената професионално де се реализира и ги влошува состојбите во оваа општествена сфера. Поради тоа, отварањето нови детски градинки, како и укинување на месечните издатоци за нив, создава суштински промени во стремежот за родова рамноправност и оставарување на уште еден идеал во кој веруваме.

​Бесплатните детски градинки ја гарантираат социјалната рамноправност за децата од најмали години. Со оваа мерка, секое дете може без ниту една пречка да следи воспитно – образовен процес, да биде еднаков со останатите, да си игра со исти играчки, да седи на иста клупа, да се храни со иста храна. Се втемелува еднаквоста од најмали години и се изнедрува систем кој ја негува ја развива меѓусебната почит и учи на рамноправна комуникација, без оглед на класните разлики.

​При евидентен прогресивен класен јаз ваквите политики се неопходни. Без политики кои го прават раното образование достапно, ќе имаме огромни образовни разлики меѓу класите. Граѓаните кои се посиромашни, ќе имаат најмал пристап до раното и соодветно образование, а тоа ќе продуцира редица општествени проблеми и девијации на среден и долг рок.

​Затоа, веруваме во вредносен концепт кој гарантира праведност и рамноправност во заедницата. Сакаме еднаква почетна основа за секоја индивидуа и општество без маргинализирани граѓани. Секој еден човек има вредност и сите заслужуваме иста шанса. Заедно, можеме да создадеме иднина во сопствената татковина.

Последни вести