Прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Почитувани,
Со СДСМ Македонија прерасна во земја фактор на стабилност, кредибилен партнер, со позитивна економска клима која отвара врати за поголеми инвестиции и нови работни места.
За СДСМ, напредокот на државата, граѓаните и нивниот животен стандард секогаш се на прво место.
Во изминатиот период на кризи и големи предизвици, покажавме што значи вистинска грижа за сите граѓани и со одговорни мерки и системски решенија Владата предводена од СДСМ, овозможи континуиран раст на платите и на пензиите.
Минималната плата од овој месец се зголемува на 20.175 денари.
Во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ минималната плата изнесуваше 8.900 денари, а во текстилната кожарската и чевларската индустрија само 6.000 денари. Тогаш, нашите граѓани беа претставувани како евтина работна сила.
За разлика од нив, СДСМ во неколку наврати ја зголеми минималната плата и тоа на 12.000, 15.200, па на 18.000, за сега да изнесува 20.175 денари.
Од 2017 година досега минималната плата е зголемена за 11.375 денари.
Тоа на дело значи вистинска грижа и поддршка за нашите работници.
Задоволни и мотивирани работници се двигател на економијата и гарант за зголемена продуктивност, затоа обезбедивме системско решение за постојан раст на минималната плата.
Постојано расте и просечната плата, која се искачи на 34.364 денари, од 22.445 денари, колку што изнесуваше во времето на ВМРО-ДПМНЕ
За пет години просечната плата во државата е покачена за 44 отсто.
Почитувани, од овој месец рекордно ги зголемуваме пензиите.
Согласно новата методологија, пензиите од месец март се зголемуваат за 8,4 отсто, што значи дека просечната пензија се зголемува за околу 1.500 денари на 19.150 денари.
Просечната пензија од јануари 2016 година до јануари 2023 година е зголемена за над 35 отсто, односно од 13.076 денари на 17.666 денари.
Со новата методологија на усогласување на пензиите со растот на платите и трошоците за живот обезбедивме постојано зголемување на пензиите, но и ставивме крај на уцените и притисоците врз пензионерите, на кои ВМРО-ДПМНЕ се сеќаваше само пред избори.
Пензионерите, нашите највозрасни сограѓани кои ја граделе оваа држава заслужуваат мирна и достоинствена старост.
Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е јасна и очигледна.
Ние обезбедивме неколкупати поголеми плати и пензии од времето на ВМРО -ДПМНЕ.
Додека ВМРО-ДПМНЕ парите на граѓаните ги трошеше на споменици, палми и врби, ние ги зголемуваме платите и пензиите.
Грижата за сите граѓани продолжува.