Соочени со време на кризи, војни и масовна миграција во светот, мултикултурализмот како концепт се соочува со сериозни предизвици и опстанок. Отворени се темите за квалитетна интеграција, одржувањето на социјалната држава и мирот, како никогаш претходно од втората светска војна наваму.
Задоволени во самозаблудата дека постапуваме прагматично, како европски народи ја прифативме непријатната националистичка реалност како ништо повеќе од реалполитика. Заборавивме дека политиката освен што е уметност на можното, е и систем на вредности. Негативните националистички трендови на европскиот континент, имаат единствена цел да ги ослободат националистичките структури од какви било морални и политички скрупули кон демократијата.
Толерираните националистички идеи се обидуваат да го обезвреднат секој европски идеал и постојано го јакнат јадрото на приврзаници кои очекуваат спас од Европа и деградирање на европската идеја. Се промовира национализам, како решение на предизвиците со кои се соочува континентот денес и се загрозува мултикултурализмот како вредност која ја обединува современа Европа.
Ние, како млада демократска држава која во своите темели има мноштво култури, етникуми, раси и религии кои се карактеризираат со соживот, толеранција и различност, не сме политичко острово на овие тенденции. Неопходно е да бидеме внимателни, будни и обединети во одбраната на заедништвото како кохезивен момент на нашата заедница.
Богатство на македонското општество, кое може да биде модел за другите општества, го сочинува мозаикот на етникуми. Она што ги карактеризира односите меѓу самите заедници и што дополнително ја зајакнува позадината на мултикултурализмот е можноста секоја заедница слободно да ги изразува своите идеолошки ставови, верувања, традиции, култура и јазик. Иако сè уште постојат проблеми и предизвици од различна природа кои доаѓаат како резултат на: предрасуди, стереотипи, дискриминација, нееднаквости во општеството, нееднаквости во приходите, вработувањето, но и како резултат на недостаток на соодветни информации за едната или другата заедница, македонското општество го краси здрав мултикултурализам.
Културните разлики и заедништвото, како дел од ризницата на македонското богатство, може дополнително да се унапредат. Тоа се постигнува преку примарната социјализација во семејствата, едукација во училиштата, комуникација и соработка во организирани заедници. Потребно е интензивирање на социјалниот дијалог на различни култури, уште поголема имплементација на важечката легислатива, решавање на случаи на дискриминација како приоритетни и јасно потенцирање пред целокупното општество, дека мултикултурализмот треба да се гледа како наше богатство.
Месец мај, во општина Валандово е симбол на заедништвото, соработката и негувањето на мултикултурализмот. Овој е месец кога се одржуваат двата најзначајни културни настани за заедницата кои се во духот на културниот натпревар, автохтоната традиција и различностите како наш потенцијал. Се работи за најстариот фестивал на новосоздадена македонска фолк песна „Фолк Фест“ Валандово како идентитетски елемент на македонскиот народ, како и за фестивалот на пролетни веселби „Хид Бах Шен Фест” кој е заштитен од „УНЕСКО” како нематеријално културно наследство на човештвото и промотор на турските обичаи и посебност пред светот.
Мај е месец кога заедно пееме, играме, се натпреваруваме и ја славиме нашата различност. Учиме еден од друг, се надополнуваме и се поддржуваме. Како локална заедница, искрено веруваме во силата на разликите, ја негуваме како наша вредност и од неа не отстапуваме.
Мултикултурализмот поттикнува дијалог, често помеѓу радикално различни култури кои имаат радикално различни перспективи. Тоа е важно, затоа што рамнодушноста на толеранцијата ја заменува со вистинско прифаќање. Тој е мост помеѓу толеранцијата и прифаќањето, како основа за општество на мирот и прогресот.
Имаме шанса да бидеме позитивен пример пред светот. Под нашето сонце има место за сите. Општество на добри луѓе и меѓусебно разбирање е тоа што ни е неопходно. Ослободени од товарот на минатото, фокусирани на иднината и подготвени на заедништво, да изодиме напред и да градиме иднина дома, со сите различности внатре, кои не красат.