Соопштение за јавност
Недозволиво е Град Скопје, најголемата единица на локална самоуправа да биде со блокирана сметка, порача на денешната седница на Советот на Град Скопје, координаторката на советничката група на СДСМ Љубица Јанчева.
„Наместо денеска да зборуваме за реализација на проекти, ние денеска на оваа седница зборуваме зошто сметката на град Скопје е блокирана и за тоа кој ќе ја плаќа штетата“ истакна Јанчева.
Јанчева побара одговори за тоа каква е состојбата во јавните градски претпријатија и што се случува со одредени капитални проекти.
„Ние како советничка група кон крајот на минатата година баравме и посебна седница за да се расправа за состојбата во јавните претпријатија, особено за ЈСП, но до тоа не дојде. Сега пак прашуваме: Во каква кондиција и во каква состојба е Јавното сообраќајно претпријатие, затоа што на оваа седница единствено за ЈСП ни недостасува тромесечниот извештај за работењето во 2023 година. До каде е реализацијата на пречистителната станица?“ Праша Јанчева додавајќи дека доколку не се реализира овој проект пеналите кон европските партнери ќе ги плаќа ЈП Водовод и канализација како претставник на Градот во проектот.