Интервју на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за порталот Доказ
Доказ: Господине Заев, во оваа каламутница од ситуации наметнати од десетгодишното владеење на режимот на Никола Груевски многу што стана пракса, едно од тие е медиумите бесрамно да заземаат политичка страна, ете и ние не бегаме од тоа дека сме подржувач на вашата политичка провиненција, но не значи дека ќе ве штедиме со прашањата. Почнуваме со економска тема, кога ќе дојдете на власт и сега сте градоначалник па сте засегнати, финасиската децантрализација кога ќе се случи? И колкава, во колкав обем? Ми се чини дека во Програмата ја немате спомнато.
Заев: Благодарам, таа доберба и поддршка што ја чувствувам од граѓаните во оваа битка за конечна нормализација на државата ми дава дополнителна сила и силна увереност дека овој пат заедно ќе успееме да си ги вратиме слободата, демократијата и вредностите што ќе обезбедат подобар живот за сите во нашата земја. Политичарите не смеат да бидат поштедувани од прашањата што се од интерес на јавноста, затоа што не е добро ни за самите нив, ниту за граѓаните. Видовме сите дека режимската контрола што ја воспостави Никола Груевски во најголем дел од медиумите, на крајот нему му се удри од глава. Тој изгуби контакт со реалноста, почна да верува во виртуелен свет што не постои измислувајки ги секојдневно лагите што ги сервира. Сега кога излезе на површина целиот криминално-корупциски начин на опстојување на неговата власт, гледа јавноста деновиве, тој бега како од оган. Шилото на вистината е на површината и назад веќе нема. Медиумите под негова контрола, лажејки ја јавноста го залажуваа и Груевски и му направија контра услуга. Да му беа поставувани границите со време, можеби немаше толку далеку самиот да забега во расипничкиот начин на владеење, за којшто еве дојде моментот на вистинскиот отчет. Јас, како што видoвте изминатиот период, не бегам од ниту едно прашање на ниту еден медиум и тоа е принципот на работа на СДСМ, транспарентно и отчетно работење и сега и кога ќе ја добиеме честа и одговорноста да ја предводиме новата Влада, што очекувам да се случи на фер и демократски избори. Така што, поставете какви било прашања што мислите дека се во интерес на јавноста.
Во врска со првото прашање, напротив, во Програмата имаме предвидено цел еден посебен дел посветен на функционирањето на локалната самоуправа. Бидејки од голема важност за граѓаните е да можат да добиваат брзи и квалитетни услуги во нивните места на живеење. Тоа ќе им заштеди и време и пари и ќе придонесе кон поспокоен живот. Не само што ќе има реална финансиска децентрализација, туку граѓаните во вистинска смисла на зборот ќе ги почувствуваат благодетите од децентрализацијата. Точно, јас сум и градоначалник на најуспешната општина во Република Македонија, Струмица и тоа во услови на нула поддршка од централната власт. Така што многу добро ми се познати проблемите со коишто се соочуваат и општините во своето функционирање и граѓаните.
Ќе ја укинеме праксата на оваа централна власт којашто незаконски дава пари само на општините во коишто градоначалниците се од нивните редови. Тоа е безобразно и несовесно кон граѓаните на другите оштетени општини, кои се исто така даночни обврзници и го полнат државниот Буџет.
Наша цел е финансиско зајакнување на општините. Значително да се зголемат приходите од ДДВ за општините, приходите од персонален данок на доход, приходите од закуп на земјоделско земјиште. Имаме во Програмата предвидено колку точно процентуално тоа е можно да се реализира.
Ќе обезбедиме правична и транспарентна распределба на јавните финансии, на капиталните и блок-дотациите. Владата и Заедницата на единици на локалната самоуправа заедно ќе ги утврдат потребните трансфери од Буџетот на Република Македонија кон општините.
Тоа што тука сакам да го нагласам е нашата заложба за вистински рамномерен регионален развој. Целта ни е да обезбедиме повеќе финансиски средства за помалите и сиромашни општини коишто сега, според реални показатели, имаат мали даночни примања што не одгооватаат на нивните финансиски потреби.
Што е нашата цел – граѓаните во општините во коишто живеат, без разлика дали се работи за село или за град, да можат да добијат таму најголем дел од потребните услуги: образование, здравство, административни услуги.
Така се можни општини по волја на граѓаните, со буџети што ќе можат самите да ги остваруваат, ќе помага и централната власт, а предвидуваме и кофинансирање. Ќе видат граѓаните што значи практичен и спокоен живот во своето место на живеење.
Доказ: Дали ќе го покачите ДДВ–то како во Хрватска и Грција за да се справиме со кризата и пустошот што ни го остава Никола Груевски?
Заев: Власта на Никола Груевски ги ограби граѓаните, ги остави буквално без егзистенција, за свои интереси, тендери, бизниси, провизии, милионски парцели на Водно, рајски фирми. Груевски и неговите соработници го направија пустошот и тие ќе ги вратат тие пари. Парите што им ги одзедоа на граѓаните ќе им ги вратат! Сериозен сум кога велам дека ќе поставиме бројчаник над Триумфалната капија, што ќе одбројува како ќе се враќаат назад украдените пари од народот.
А што се однесува до даноците, ќе воведеме праведен даночен и социјален систем. Тоа значи повисок данок за најбогатите и намалување на даноците за сиромашните. Сегашниот рамен данок е во корист на малата богаташка група на власт што ја запоседна Македонија. Богатите плаќаат данок од 10 проценти и сиромашните, кои живеат со по 40 денари на ден плаќаат исто 10 проценти. Тоа е нефер. Богатите има да плаќаат повисок данок. Тие пари ќе одат во подобрување на јавните услуги за сите граѓани. Ќе воведеме и праведност во плаќањето на некои јавни услуги што ќе зависи исто од висината на доходот на корисниците. Кога ќе ги застанеме на нозе граѓаните и семејствата, кога финансиски ќе ги стабилизираме, економски ќе зајакне и државата. Само со економски стабилни граѓани е можна економски стабилна држава. Затоа, не, нема да дозволиме поради расипничкото криминално-корупциско владеење на фамилијата да настрадаат осиромашените граѓани.
Доказ: Гледаме интензивни средби со албански политички фактори, дали таква коалиција веќе е договорена, во прв ред со струшкиот градоначалник Села, како политичар со потежок бекграунд? И какви се тука интересите, дали само за да има таква коалиција СДСМ ќе даде стратешки министерства на албанските партнери?
Заев: Знаете, отворено соопштив дека СДСМ е отворена за сите политички субјекти, поединци, организации кои гледаат какво зло и се случува на државата и се подготвени да помогнат во овој важен процес за иднината на Македонија. Интересот е само еден, Република Македонија. Нема никакви пазарења, ниту ќе има. Искрено тргнавме по овој пат на враќање на земјата на нормален колосек и може да се придружи секој чиј намери се искрени. Проектот Вистината за Македонија, историскиот протест на 17 мај лани, Кампот на слободата, испратија порака дека не е важна националната, верската различност, припадности по какви било други основи, ако си ја сакаме државата и сакаме подобар живот за сите. Во Македонија мултиетничкото општетство веќе функционира, граѓаните тоа го знаат и драго ми е што гледам дека повеќе не поминуваат лажните националистички политики на раздор и поделби на коалициските партнери Груевски и Ахмети. Стратешки е интересот, Македонија – едно општетство за сите, демократска и економски стабилна земја, членка на ЕУ и НАТО. Секој кој се пронаоѓа во овие цели е добредојден за соработка. Досега нема договорен коалициски настап со политички субјекти, што не значи дека нема да има. Разговорите ги водиме транспарентно, пред очите на јавноста којашто навреме ќе биде информирана.
Доказ: Да ве вратам наназад, зошто СДСМ не направи предизборна коалиција со Села на претходните локални избори,туку со ВМРО–ДПМНЕ се боревте против Села?
Заев: И во претходните изборни циклуси и сега, за СДСМ клучни се целите кон коишто се стремиме. Република Македонија повеќе од кога било има потреба од сите кои и мислат добро, без разлика на политичка, идеолошка, или друга определеност. Подавам рака до секој добронамерен, да ги надминеме личните, тесно-партиски или други интереси и да си ја спасиме државата. Тоа е наша должност како граѓани на Република Македонија.
Доказ: Дали Зоран Заев планира да ги собере старите кадри, знаеме дека низ СДСМ се изредиле над 100 министри, дали тие луѓе се со Заев, и се разбира Бранко Црвенковски, вечната тема, ќе застане ли во некој предизборен спот за да го повика членството на сплотеност, единство до победа?
Заев: Контактирам, отворен сум, за сите, членови, симпатизери, поддржувачи на СДСМ, поранешни носители на јавни функции, со кои работиме во интерес на граѓаните и на Република Македонија. Со поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски сме во контакт кога има потреба од тоа и кога времето дозволува. Како што реков, секој е добредојден да помогне во враќањето на слободата и демократијата во Македонија.
Доказ: За Пржино и околу Пржино, дали со американските пријатели сеуште сте пријатели или шкрипи? Зошто на Катица и дадовте материјал без Записник, зошто се вратија министрите пак во Владата?
Заев: Договорот од Пржино мора да се спроведе и од тоа отстапување нема. Тој Договор е важен за иднината на Македонија, тоа е јасно и за домашната јавност и за пријателите од меѓународната заедница, меѓу кои се и САД и ЕУ коишто многу помагаат во овој процес. Од Договорот од Пржино произлегува клучната обврска за фер и регуларен предизборен и изборен процес, така што сите заложби, на сите 4 партии потписнички и на претстаниците на ЕУ и САД како гарантори на Договорот се во таа насока. Министрите и дополнителните заменици министри од редовите на СДСМ се во предната Влада за да учествуваат во обезбедувањето на гаранциите за фер и демократски избори на коишто ќе одлучи слободната волја на граѓаните, а не волјата на власта на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Што се однесува до предавањето на материјалите од незаконското прислушување од страна на власта, на Специјалното јавно обвинителство, тоа е направено исклучиво по законска процедура. Ништо поразлична не беше практиката на предавање на доказите во Републичкото јавно обвинителство. Така што тие манипулации имало-немало Записник на медиумите под контрола на власта на Груевски се покажа дека биле резултат на стравот и свесноста дека доаѓа момент за соочување со одговрноста за направените злоупотреби.
Доказ: Дали средбата во Ла Тераца со новинарите беше со бенефит, иако ЗНМ гледаме како да не ве подржува? Мислам на изјавата на Насер Селмани.
Заев: Ние имаме редовни контакти со претставиците на новинарската заедница, со оглед на тоа што се во тек преговори за регулација на медиумите. Ниту сега, нуту во иднина СДСМ нема да договара и да се заложува за решенија коишто ја немаат поддршката на оние за кои се однесуваат. Почитуваме различност на мислења, сакаме да слушнеме предлози, сугестии, ние го поттикнуваме ваквиот начин на комуникација, бидејки само на тој начин се можни квалитетни, ефикасни, ефективни мерки и закони. Со Здружението на новинарите на Македонија имаме коректена, професионална комуникација и се надевам дека така ќе продолжи.
Доказ: МРТВ, уредници од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, дали е тоа признание дека се ставаат партиски војници од двете страни? И дали опозицијата има свои новинарски миленици на кои им сервирате ексклузиви?
Заев: Уредници од СДСМ, уредници од ВМРО-ДПМНЕ е небулозен предлог на ВМРО-ДПМНЕ, што СДСМ ниту го поддржа ниту ќе се согласи со такво нешто. Ете тој предлог на партијата на Груевски покажува како ги уништиле професионалните медиуми и го задушиле објективното известување – за нив се е партија, нема институции. Нашиот предлог за медиумски реформи се совпаѓа со предлогот на меѓународната заедница – по теркот на формирањето независна Државна изборна комисија, експерти на раководните позиции на МРТВ и АВМУ и нивните совети. Груевски и неговите соработници се плашат од експерти, се плашат од луѓе кои држат до своето лично и професионално достоинство и не би дозволиле да им бидат партиски маши за лаги. Од друга страна професионализацијата на МРТВ и на Агенцијата за медиуми ќе значи обврска за професионално известување на медиумите и одговоност за медиумите што сега работат како партиски испостави на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме принципиелно поставени кон сите медиуми и така ќе работиме и во иднина.
Доказ: Се повикува на единство, како тогаш вашиот претседател на општинската организација Центар, кој е редовно воВаше друштво, а е водач на навивачка група и финансиер, директор на Паркинзи – Центар, дозволува неговата навивачка група да скандира мртов шиптар – добар шиптар?
Заев: Покажавме на дело и како партија и индивидуално дека сме ослободени од какви било предрасуди околу национални или други различности. Овој пример што го споменувате, ако се случил, за што немам информација, е поединечен случај и не го оправдуваме. Токму во општина Центар, во Кампот на слободата се случи единството на различности, што ја испрати пораката дека и СДСМ како партија и граѓаните сакаат единствена Република Македонија. Оттогаш, во СДСМ се зачленија повеќе илјади граѓани од различни националности, меѓу кои има и Албанци, така што, јас сум убеден дека е јасно за јавноста дека ако некој може да обезбеди успешно граѓанско општетство, стабилна Република Македонија, тоа е опозицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз.
Доказ: Дали е одбран кандидатот за градоначалник за Струмица со оглед на тоа дека Струмица ќе гласа и заградоначалник, оти вие ќе бидете премиер?
Заев: Се се одвива и ќе се одвива според потребните процедури. Нашиот фокус во овој момент е обезбедување фер и регуларен предизборен и изборен процес на којшто последниот збор ќе го има слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија.
Доказ: Дали СДСМ е спремна за избори, внатрепартиски, при тоа мислам на логистика, општински штабови, каков е вашиот заклучок со оглед што сте веќе на терен, вие и членовите на И.О?
Заев: СДСМ веќе работи штабски, формирани се централниот и регионалните изброрни штабови. Како што знаете уште на средината на декември ја донесовме Програмата на СДСМ којашто е програма и од и за граѓаните. Целосно сме подготвени за избори. Ние ги баравме предвремените парламентарни избори. Останува да се реализраат обврските за фер избори. На фер и регуларни избори, СДСМ ќе ги добие честа и одговорноста да ја предводи идната Влада.
Доказ: Дали СДСМ со граѓанскиот сектор игра топло-ладно, бевте заедно, се разделивте, а сега 72 здруженија собираа потписи против Хан?
Заев: И ние како партија и невладиниот сектор сме автономни во својот начин на дејствување. Од самиот почеток, досега, имаме многу плодна, конструктивна соработка поставена исклучително на професионална основа, во интерес на Република Макеоднија. Нема топло-ладно односи, има меѓусебно почитување на улогата што секој ја има и треба да ја има во општественото живеење. Толку се превртени вредностите во општеството, што `се што е нормално изгледа чудно и обратно. Работиме да ги поставиме темелите на општественото живеење на здрави основи каде што секој ќе може да ја извршува својата одговорност во општо добро.
Доказ: Дали пиењето чај во Чаршија е потег што ќе ги собере симпатиите на Албанците, кога знаеме дека кај нив доста се гласа договорно?
Заев: Чајот во Скопската чаршија е задоволство за секој граѓанин кој ги почитува традиционалните вредности. Граѓаните, без разлика на нивната национална или друга определба, ги насочуваат своите симпатии кога ќе препознаат доверба и искреност. Јас сакам да верувам, бидејки искуството ми го покажува тоа, дека повеќе од кога било постои изразена свест дека во оваа земја има само една поделба, на мала група на власт на чело со Груевски и Ахмети и на огромно мнозинство осиромашени граѓани. Над 500.000 граѓани живеат на раб на сиромаштија. Тоа е официјален податок. Меѓу нив има и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Власи, и Бошњаци и од помалите етнички заедници. Луѓето се доведени во ситуација да мислат како ќе обезбедат корка леб. На фер и слободни избори, каде нема да бидат принудени да гласаат под уцени, притисоци, групно, тие ќе ја казнат оваа власт што им одзеде 10 години живот.
Доказ: Каков е ставот на СДСМ и вашиот став оклу геј популацијата и дали би прифатиле коалиција со нивните здруженија?
Заев: СДСМ е против дискриминација по каква било основа и тоа е јасно наведено во нашата Програма. Ние вака ги гледаме коалициите: на една страна е криминално-корупциската власт на фамилијата и кумовите, а на друга страна интересите на сите останати граѓани и на Република Македонија.
Доказ: Во партијата на висока позиција имате и еден Албанец, Едмонд Адеми, значи ли тоа дека СДСМ е отворена за сите етнички заедници, при тоа мислам да влезат во раководните структури?
Заев: Околу 10-тина илјади граѓани од различна национална определба се зачленија во СДСМ во последниов период. СДСМ отсекогаш била столбот што обезбедува стабилна Македонија. Ова што сега се случува со зголемениот број зачленувања во СДСМ, на Македонци, Албанци, Турци, Срби… е дополнително богатство за мултиетничка Македонија. Горд сум на овие процеси, горд сум и на Социјалдемократскиот сојуз и на граѓаните на Репбулика Македонија кои не им дозволуваат повеќе на Груевски и на Ахмети да профитираат врз лажен национализам.
Доказ: Дали вашите министри успеаја да заведат ред во министерствата и покрај опструкциите, сепак газат трет месец мандат?
Заев: Ги почнавме процесите на нормализација и тоа е повеќе незапирлив процес. 10 години е инсталиран овој штетен режимски систем на чело со Груевски и неговите соработници и секако дека не може преку ноќ да се смени целосно. Но демонажата на режимот ја почнавме. Во МВР се демонтира МВРО, откривме илјадници незаконски издавани лични карти и печатени возачки дозволи и вработени кои тоа го правеле по налог на врвот на власта на Груевски и Јанкулоска. Во Министертсвото за труд и социјала влеговме во трага на злоупотреби со социјална помош на повеќе илјади граѓани, што им следувала по закон. Во Министерството за финансии спречивме 300 милиони евра задолжувања, што ќе беа товар на идните генерации, а Груевски ќе ги употребеше во предизборни цели и ги разобличуваме и натаму намерите на власта. Во Министерството за земјоделство откривме злоупотреби на субвенции и доделувања земјишта на членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Преку Министертсвото за информатичко општество и администрација спречивме илјадници админисративци да бидат отпуштени од работа или казнети до 30.000 денати поради нелогично оценување воведено од страна на власта на Груевски со цел притисоци и уцени врз службениците. Продолжиме да работиме заедно со граѓаните кои ги препознаа нашите искрени намери и соработуваат. Не постојат опструкции што можат да не спречат.
Доказ: Дали на пратеничките листи ќе одите повторно со анонимни и полуанонимци или ќе се потпрете на проверените, ама доста од нив и истрошени кадри, кои биле повеќе пати во позиција да бидат гласани?
Заев: Ние сега, во соработка со сите постоечки потенцијали во партијата и демократската јавност сме насочени да обезбедиме фер и регуларни избори, бидејки тоа е проритет број еден за сите. Имаме многу квалитетни кадри кои можат и заслужуваат да им биде дадена можност да ги движат демократските процеси и нормализацијата на земјата што следува и во изборот ќе се раководиме од тоа.
Доказ: Дали Зоран Заев е сигурен во победата на опозицијата после евентуално успешните преговори со режимот, дали планирате победа, пата-пата или пораз со мала разлика, која е вашата прогноза?
Заев: На следните фер и регуларни избори ќе победат демократска Македонија и опозицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз.
Доказ: Јанева ја спомена и аферата Надеж којашто е за поранешниот председател Бранко Црвенковски. Дали е тоа за да се покаже дека нема да има селектиност и очекувате ли и криминалите на Љубчо Георгиевски да бидат ставени на тапет?
Заев: Специјалното јавно обвинителство е независна институција којашто е формирана со поддршка од сите 4 партии потписнички, освен СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. Верувам во работата на професионалноста на Обвинителството кое што има историска улога во Република Македонија, да ги извади на површина сите криминали и злодела што им се правени на граѓаните на Македонија и да ги расчисти сите конструкции и манупулации што се правени за политички цели.
Доказ: Спремен ли е Заев да остане во историјата како човек кој ја спасил Македонија од мафијата, а да не биде премиер, односно да си остане партиски лидер, а премиерската функција да му биде доверена на друга личност?
Заев: Јавноста знае дека пред мене е света и најважна цел, демократска Република Македонија, тоа го покажав во моментот кога го отворив процесот Вистината за Македонија, храбро и одлучно, без какви било задршки или калкулации. На фер и регуларни избори, за што се сум црвсто определен како лидер на СДСМ и опозицијата, ќе одлучи слободната волја на граѓаните на Република Македонија и тој избор е должен секој да го почитува.
Доказ: Очекувате ли криминалните структури на ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ да се обидат да направат насилни протести во државата, во обид да си ја спасат кожата и украдените пари?
Заев: Искуството покажува дека од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ `се може да се очекува, посебно кога се загрозени нивните тесно-партиски или лични интереси. Може да се обидат, но овој пат нема да им помине, тоа не им го порачувам само јас, или СДСМ, или опозицијата, тоа е пораката од единствена Република Македонија којашто застана наспроти Груевски и Ахмети.
Доказ: На крај, дали верувате дека овој состав и овие судови имаат капацитет правната држава да профункционира?
Заев: Се сеќавате, имаше сомнеж дека се можни предвремени избори, преодна Влада, Специјално јавно обвинителство, `се тоа денес е реалност во Република Македонија. Правната држава во Македонија мора да профункционира и тој процес почна со формирањето на Специјалното јавно обвинителство и прес конференцијата во петокот. Секој кој постапува или работи противзаконски ќе ја понесе својата одговорност, независно дали е политичар, функционер, судија или кој и што и да е. Промените во Македонија се почнати. Свесното кочење на демократизацијата на процесите носи ризик да се биде соучесник во злоделата на бандитската власт на Никола Груевски, на којашто и е дојден крајот.