fbpx

Соработници на Јанкулоска и на Мијалков почнаа да ни реферираат за криминалот во МВР

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на министерот за внатрешни работи на Република Македонија и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски за неделникот Фокус

 

Фокус: Дали сте задоволен од постигнатото откако ја презедовте функцијата министер за внатрешни работи според договорот од Пржино? Какви состојби затекнавте во МВР?

Спасовски: Заедно со професионалците во МВР почнавме да го демонтираме штетниот систем на МВРО што го поставиле во министерството Јанкулоска и Мијалков. Злоупотребувани се законски и уставни надлежности на Министерството за внатрешни работи и на полицијата, за изборни, партиски, криминални, лични интереси. Ова го покажуваат доказите до коишто дојдовме низ истрагите што ги отворивме и ги водиме по повеќе предмети. Луѓето кои работат овде биле под невиден притисок да следат наредби кои доаѓале од високиот врв во власта. Јас подадов рака на секој кој сака да се излезе од тој штетен систем за граѓаните и за државата и да учествува во спасувањето на Македонија. Граѓаните на Македонија со поддршката на преодната Влада, со којашто дојде и промената во врвот на МВР, одлучно покажаа дека сакаат полиција што ќе служи на народот, а не на власта. Ветив и работам по принципот на правичност и праведност во постапувањето. Првите резултати се постигнати, вработените во МВР и граѓаните соработуваат и да задоволен сум. Отворивме и заокружуваме повеќе предмети што се во интерес на јавноста, за што ќе дознаат граѓаните како што е ред низ соодветни процедури.

Фокус: Политичките „бомби“ што ги објавувавте покажаа тешки злоупотреби во министерството. Министерството функционирало како партиски штаб, во негови рамки постоеле параполициски структири… Што направивте на овој план?

Спасовски: Го демонтираме системот. Тој систем бил создаван цела деценија. Она што е важно за граѓаните е да знаат дека луѓе кои учествувале во системот на власта на Јанкулоска, Мијалков, Груевски, соработуваат во овој процес на нормализација што го отворивме. Тоа го олеснува процесот. Ќе го испратам и овде апелот, не дозволувам повеќе МВРО во МВР. Тоа треба секој да го знае. Изборот е едноставен – работиш чесно за граѓаните и за Македонија или работиш нечесно за интересите на фамилијата на власт. Оние кои нанеле или продолжуваат да нанесуваат зло и штети на граѓаните и на државата ќе мора да се соочат со сопствената одговорност.

Фокус: Ги променивте началниците на сектори во МВР, но дополнителниот заменик министер од спротивната страна не постави нивни заменици со право на вето, туку ја обжали вашата одлука со Управниот суд. Дали разрешувањата се во законска процедура и дали се планираат нови кадровски смени?

Спасовски: Тоа се последните обиди на власта во заминување, користејки ги партиските инсталации во Управниот суд да ја опструира работата на Министерството. Секако дека разрешувањата се законски и основани. При тоа за секое разрешување има соодветни причини кои се однесуваат на несовесно и неквалитетно извршување на работите и задачите или злоупотреби на службената положба за вршење политички притисоци и други слабости во работењето. Секој ја има шансата да работи според законските и уставни должности и овластувања. Оние кои нема да го почитуваат системот на вредности што го воспоставуваме ќе бидат разрешени. Сакам да кажам дека процесот на нормализација на државата е почнат и тоа е повеќе незапирлив процес. Може некој да се обиде да го кочи процесот, но со тоа станува соучесник во злоупотребите на власта на Груевски.

Фокус: Извршивте ли провеорка каква е ситуацијата во Петтата управа, која беше во центарот во вниманието по избивањето на скандалот со прислушувањето? Дали Горан Груевски се уште е началник, против кого како партија поднесовте и кривична пријава? Постои ли можност и до денеска да се користи опремата за нелегално прислушување?

Спасовски: МВР ги презема сите законски и уставни активности што се во интерес на расчистување на скандалите за коишто се појавија сериозни индиции, а има и докази. Предметите се оформуваат и ќе биде соодветно постапено. Вие самите знаете дека кога станува збор за власта на Никола Груевски, се е можно. Тие се на власт 10 години и се обидуваат до последно да ги користат инсталациите во институциите кои ги користеле како партиски штабови, за лични и партиски интереси. Но како што реков, промените се почнати и назад нема. Секој кој помага на противзаконски и противуставни активности и дејствија, а на штета на граѓаните и државата треба да знае дека е соучесник во злоделата.

Фокус: Една од првите афери што ги обелоденивме по стапувањето на оваа функција е тоа што лица за обезбедување им се доделувале на многу „привилегирани“ граѓани, кои не се на никаква функција, а сепак користеле ресурси од МВР. Дали дојде до некакви промени во овој дел?

Спасовски: Да, наредив на лицата на кои не им следуваат, телохранители, возила на МВР, а ги добивале, спортивно на законот, да им се одземат. Исто така,побарав да се регулира оваа материја и со подзаконски акти во самото Министрерство, што е веќе направено. Раководителите на секторите се задолжени да водат евиденција и да пријават злоупотреби.

Фокус: Со оглед дека се води жестока антикампања против претставниците на меѓународната заедница, што го признаа и Аиво Орав и Питер Ванхојте, како и против специјалното јавно обивнителство на чело со Катица Јанева, кои беа прозвани од самиот Груевски како инструмент за доаѓање на власт на опозицијата, дали се обезбедени мерки за нивна заштита?

Спасовски: Се што е побарано од МВР и е во наша надлежност се спроведува. Обврска на Министерството за внатрешни работи е да ја гарантира безбедноста на сите граѓани кои живеат и работат во Република Македонија. Доставен е одговор до барателите на заштита.

Фокус: Како од денешна перспектива и временска дистанца гледате на таканаречениот случај со фабриката за лични карти, кој ве вклучи вас и вашата партија поради, според обвинителството, блискоста со осомничените за производство на лични карти, лажни банкарски сметки и други документи за наводна компромитација на власта, па дури дека кај себе имале дел од прислушуваните разговори за да уценуваат бизнисмени?

Спасовски: Власта прави манипулации и конструкции и ги злоупотребува медиумите под контрола за да го одвлече вниманието од сопствената одговорност во огромниот скандал со издавање и печатење незаконски лични карти што го откривме и којшто наликува како бунар без дно, бидејки каде и да чепнеме има злоупотреба. Слушнавте и видовте докази, во злоупотребите директно учествувало МВР во време на Јанкулоска и Мијалков, а оперативните дејствија што ги преземаме, откриваат вмешаност и на други институции. Јас ќе повторам, да сочекаме да заврши истрагата и таа ќе покаже `се. Слушам некои коментари, дека овој одговор не е доволен да се расчистат шпекулациите иницирани од власта, дека треба да се излезе со аргументите што ќе покажат дека власта конртуира, манипулира, но ние би требало да бидеме исти како Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ако зборуваме за докази во тек на истрага. Не ни паѓа на памет да работиме како Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Има кој да се плаши од тоа што го правел со злоупотреби на лични документи во изборни злоупотреби, ние остануваме спокојни, како што излезе на виделина вистината за се друго ќе излезе и за ова.

Фокус: Како реакција на ова, обелоденивте дека во МВР незаконски им се издавале лични карти на жители на Пустец, иако немало законски основ за обезбедено живеалиште, но сепак врз основа н тоа добиле право на глас. Дали, покрај ова, детектиравте друг криминал од овој тип, како на пример издавање на повеќе лични за иселени или починати лица, за некој друг да гласа во нивно име?

Спасовски: Постојано, во континуитет откриваме нови и нови начини на злоупотреба на лични документи за изборни цели. Има примери какви што посочувате. Најдовме злоупотреби на матични броеви, лица кои се водат на непостоечки, фиктивни живеалишта, во непостоечки згради или на пример на 5 спрат на зграда што има 4 спрата, голема веројатност за злоупотреби на лични документи на граѓани од Македонија кои живеат во странство подолго време и слично. Веќе објавив докази за по десетици лица кои се регистрирани на адреси, во куќи и станови на функционери од власта на Груевски, директори на установи, на училишта. Бројката од 450 лица од Пустец за кои објавивме докази дека добиле лични карти од МВР без да имаат решение за живеалиште, што е клучно при издавање на ваков документ е многу многу поголема. Сите податоци до коишто доаѓаме завршуваат во Обвинителството, а соодветни постапки следуваат и за лицата од МВР кои учествувале во незаконското издавање и печатење лични карти. Влеговме во трага на веројатен изборен криминал, во повеќе изборни циклуси, во којшто учествувале високи функционери од власта на Груевски. Тоа е и причината за нивната огромна нервоза што како што гледаат граѓаните кулминира овие денови.

Фокус: Во рамки на МВР се наоѓа базата на државјани врз основа на што почива избирачкото право. Дали направивте увид во оваа база и дали таа кореспондира со бројот на гласачи, кој е многу блузи до бројот на жители, што раѓа сомнеж дека Избирачкиот список е надуван?

Спасовски: Голем дел од злоупотребите потекнуваат и од самото МВР. Избирачкиот список е направен врз основа на базата на податоци во МВР, а ете гледате што се правело во таа база на податоци. Многу често самото МВР е изворот на злото. Таа база со полуточни и неточни податоци на граѓани е испраќана до ДИК и Министерството за правда. Ние имаме директни признанија од вработени во МВР кои под принуда издавале и печателе незаконски лични документи. Тоа се сериозни докази, што се земаат предвид.

Фокус: Што покажува откритието дека во магацините на МВР имало 70.000 дупликат возачки дозволи? За каков криминал или злоупотреба може да станува збор, имајќи во предвид дека германската компанија – снабдувач соопшти дека се работи за нивна ненамерна грешка?

Спасовски: Најдовме 70.000 обрасци за дупликат возачки дозволи. Обрасците се најдени во магацин на МВР каде стоеле извесно време. Имам признание од вработени дека на раководното лице му е пријавен случајот но тој не преземал ништо до моментот кога јас решив да отворам постапка за случајот. Имам документ што потврдува дека раководното лице реагира ден откако јас ја отворив постапката за расчистување на скандалот. Поседувам докази дека истото лице учествувало и во други злоупотреби и случајот ќе се расчисти, кој и зошто сакал дупликатот возачки дозволи да останат во МВР. Знаете дека законот не дозволува гласање со лични карти, но знаете и дека домашни и меѓународни организации констатираа токму вакви злоупотреби за време на изборните циклуси. Така што пресретнавме обид за нови злоупотреби. Од врвот на ВМРО-ДПМНЕ се во паника дека излегуваат злоупотребите што се правени во МВР, за што имаме и признанија од лица кои работеле за нив. Затоа се обидуваат да манипулираат со странската фирма. Се сеќавате, кога ќе ја обвиневме како СДСМ Јанкулоска дека ја партизира полицијата, како реагираше таа? Јанулоска велеше, СДСМ е против полицајците. Како што сега нејзиниот шеф Груевски се поистоветува со народот. Тоа префрлување одговорност за спас на сопствената кожа ним им е начин на функционирање. Јас сум во контакт со странската фирма од самиот почеток на скандалот и она што можам да го откријам во овој момент е дека од фирмата беа изненадени зошто никој во моментот кога биле испорачани дупликатот возачки дозволи не ги известил дека тоа се случило. Преку истрагата ќе откриеме кој се е вмешан во случајот и за какви цели. Веќе е покрената постапка од внатрешна контрола во МВР за расчистување на одговорноста за случајот.

Фокус: Како ја коментирате изјавата на Груевски дека опозицијата со тоа што во свое раце го земал МВР, а има и зголемен уддел во Државната изборна комисија, практично има целосна контрола врз изборниот процес?

Спасовски: Со тоа Груевски директно признава дека досега МВР и ДИК имале целосна контрола врз изборните циклуси, како што впрочем и слушна јавноста во проектот Востината за Македонија. Со Договорот од Пржино се формирани независни тела и органи, но тој Договор не е спроведен во целост. Клучните обврски што треба да овозможат фер и регуларни избори не се исполнети, прочистување на Избирачкиот список и медиумска регулација. Без тоа, нема фер и регуларен предизборен и изборен процес. Од тоа бега Гриевски, но со одговорноста и потпишаното мора да се соочи. Следните избори мора да бидат фер и демократски.

Фокус: Најголема забелешка на релевантните меѓународни организации за неколку изборни циклуси наназад е сраснувањето на партијата со државата, што беше и предмет на критика од страна на опозицијата? Во овој контекст, не сметате ли дека истото го поткрепува фактот што и вие сте истовремено министер и партиски генерален секретар, поради што ќе мора да учествувате во кампања и на терен?

Спасовски: Двајца министри и тројца заменици министри од СДСМ се дел од преодната Влада за да спречиме злоупотреби во предизборниот и изборниот процес. Ние не сме во Владата за да владееме со Груевски. Како што може да се види, работиме заедно со граѓаните на процеси за нормализација на државата, што е спротивно на активностите на власта, која работи за интересите на фамилијата. Ќе имате прилика да видите како се работи за интересите на граѓаните, од искуството досега, граѓаните тоа веќе го гледаат и даваат поддршка. Да потсетам само дека моето назначување, како и на моите колеги од СДСМ во преодната Влада беше изгласано со консензус во Парламентот. Јасно е за сите дека учеството на СДСМ во преодната Влада е политичка одлука, според Договорот од Пржино, во насока на обезбедување услови за фер и регуларни избори, од што за жал гледаме дека власта на Груевски бега.

Фокус: Каква е ситуацијата со бегалската криза? На денот кога Груевски одлучи да се повлече, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со помош на колегите од ДУИ, да го распуштат Парламентот, тие ја користеа токму оваа криза како аргумент зошто не смее да има одложување на изборите. Образложението беше дека кризата ќе се засилува и потребно е конечно затворање на политичката криза и новата стабилна влада да се занимава со ова прашање…

Спасовски: Да, за решавање на сите отворени и сериозни прашања со коишто се соочуваат граѓаните и државата, вклучувајки го и ова сериозно прашање како што е бегалската криза, потребна е стабилна Влада, којашто ќе добие мандат признаен од сите, тоа значи на фер и регуларни избори. Нефер избори на коишто нема да учествуваат сите партии се огромен ризик за граѓаните и државата и тоа е сериозен генератор на криза со сериозни последици. Тоа на Македонија не и е потребно и не смее да и се случи. Јас се надевам дека сите ќе најдат сила кај себе да ги надминат личните, партиски интереси, да овозможиме граѓаните на Македонија да добијат стабилна Влада, со признаен мандат и да се зафатиме со решавање на бројните проблеми и предизвици.

Фокус: На прв впечаток, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се апсолутно решени изборите да се оддржат на 24 април, па дали очекувате тоа да се случи или на крајот да се одложат? Доколку се одложат, кој би бил најсоодветниот термин до кога би имале време да се затворат преостанатите прашања – Избирачкиот список и медиумите?

Спасовски: Следните избори во Република Македонија мора да бидат фер и регуларни. Постои независна институција, тоа е Државната изборна комисија, којашто веќе работи на процнка на потребните нови рокови за прочистување на Изборачкиот список, бидејки законските рокови се длабоко пробиени. Без доверлив Избирачки список и регулација на медиумската сфера не се можни фер и регуларни избори. Штом ДИК ги соопшти роковите и се постигне договор за механизмите за објективно известување, може да се договори датумот за избори. Власта е таа што ги одолговлекуваше роковите, бидејки тие бегаат од фер избори. Македонија мора да добие Влада на фер и регуларни избори. Од оваа заложба во инетрес на граѓаните и на државата СДСМ нема да отстапи.

Фокус: Ако сепак се оддржат избори без целокупната опозиција, како развој на настаните може да се случи? Какви опции и стојат на располагање на опозицијата во таква ситуација, кога договорот од Пржино пропаѓа, а сите бомби се предадени во специјалното јавно обвинителство? Од друга страна, Уставниот суд, каде контрола има владејачката партија, има можност да го укине специјалното јавно обивнителство.

Спасовски: Договорот од Пржино е единствен излез од политичката криза и мора да се почитува. Ние инсистираме на спорведување на договореното во Пржино и од тоа нема да отстапиме. Оние кои тоа ќе го направат ќе треба да се соочат со одговорноста од таквиот чекор. Но веќе не е во прашање само ставот на СДСМ. Демократска Македонија сака промени, тие промени почнаа и назад нема.

 

Последни вести