fbpx

Интервју на Спасовски за Утрински весник

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на министерот за внатрешни работи на Република Македонија и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски за Утрински весник

 

Утрински: Министре Спасовски, еден месец го преземањето на функцијата во МВР, каква е соработката со дополнителниот заменик Митко Чавков. Во јавноста се добива впечаток дека не постои координација меѓу вас, на пример, околу акцијата за наводната фабрика за лични карти. Дали Ве заобиколува некој од соработниците при издавањето наредби за акции и дали ќе побарате одговорност за тоа?

Спасовски: Работата на Министерството за внатрешни работи ја поставувам на највисоко професионално ниво и така ќе продолжам да работам. Искрено, многу сум задоволен што професионалците во МВР ги препознаа искрените цели, дека пред нас се задачи што треба да ги сработиме во интерес на граѓаните и на Република Македонија, и соработуваат. Гледам дека тие луѓе едвај чекале да се ослободат од партизираниот МВРО-систем, создаден од Груевски, Мијалков, Јанкулоска, во којшто биле приклештени, за да можат слободно да си ја извршуваат својата должност. Во интерес на државата, јас сум отворен за соработка со секој што работи на ниво на својата одговорност, бидејќи знаете дека МВР е еден од најчувствителните сектори во државата и должност ни е да ги штитиме интересите на граѓаните, а не интереси на власта и на поединци, како што се навикнати да работат кадрите на Никола Груевски.

Во врска со вториот дел од прашањето, во МВР е отворена оперативна постапка на којашто работиме интензивно веќе неколку недели во врска со начинот на којшто се издавале лични карти од страна на МВР. Слушнавте дека за да проверам како функционирал системот, побарав да се види постапката за издавање лични карти на над 20 лица, по случаен избор. Најдов дека лица кои воопшто не поседуваат лични карти постојат во Избирачкиот список, односно имаат право на глас. Дека им биле издавани лични карти на лица кои немаат документ каде живеат, односно немаат решение за живеалиште. А решението за живеалиште е клучниот документ без кој не смее да биде издадена лична карта. И сите тие лица со незаконски лични карти, исто така, постојат во Избирачкиот список, што значи имале право да гласаат. Ова извади на површина скандалозна потврда дека се брутално злоупотребувани идентитети на граѓани и уште поскандалозно дека институции учествувале во тие злоупотреби и издавале незаконски лични карти. Само институции на државата ги имаат личните податоци на граѓаните. Една од тие институции што правела такви злоупотреби е МВРО на Никола Груевски и Гордана Јанкулоска. МВРО издавало и печатело незаконски лични карти, со што незаконски овозможиле лица кои немаат право на глас, да гласаат. Веројатно ова е причината што соработници на Груевски преку медиумската пропаганда побрзаа отворената истрага за фалсификатот лични карти да ја затворат со констатацијата дека не се користени за изборни цели.

Документите од оперативната постапката што ја отвори МВР околу начинот на издавање лични карти, што посочуваат токму на вакви злоупотреби, се доставени до Специјалното јавното обвинителство. Работиме многу темелно. Тоа што МВР ќе излезе да го соопшти и за незаконските лични карти и за фалсификатот лични карти и за сите други случаи ќе биде аргументирано со докази. Така единствено може да почнеме да ја враќаме довербата на граѓаните во институциите. МВРО заврши.

Утрински: Многу прашалници висат над аферата со тајната фабрика за изработка на лични карти. Останува нејасно како дел од „бомбите“ се пронашле во компјутерот на еден од осомничените, дали се тоа „бомбите“ на опозицијата, дали некој му ги предал на Захир Бекири тонските материјали или тие се подметнати?

Спасовски: Се’ ќе открие истрагата што се води. Внимателно ги следам шпекулациите и манипулациите со коишто се полнат вестите на медиумите под контрола на власта. Дел од овие медиуми објавуваат цели конструкции и тоа различни медиуми одат со потполно исти формулации на реченици, што значи дека потекнуваат од еден центар, со свои политички цели. А при тоа, официјалните информации од МВР не ги пренесуваат. Но, да почекаме, кој, кому, што подметнува, истрагата се’ ќе разоткрие, а сите инволвирани во скандалот ќе ја понесат својата одговорност.

Утрински: Која е улогата на Бекири и Аднан Сума во аферата со личните карти?

Спасовски: Истрагата за фалсификуваните лични карти е во тек. Реков, од неа се’ ќе стане јасно. За овие лица кои ги споменувате, Обвинителството нема побарано притвор во врска со случајот „Фалсификувани лични карти“.

Утрински: На кој начин МВР ќе помогне за прочистување на Избирачкиот список пред изборите?

Спасовски: МВР за ова ги презема и ќе ги преземе сите потребни чекори според законските надлежности и овластувања. Како што знаете, Избирачкиот список сега е во целосна надлежност на Државната изборна комисија, која треба да ја утврди методологијата на прочистување. Но, роковите за ова се одамна пробиени. По сите злоупотреби што ги најдовме и тоа само што чепнавме на површината околу начинот на којшто се издавале лични документи од страна на МВР, со коишто се гласа, повеќе од јасно е дека постојниот Избирачки список е крајно спорен, со сериозни индикации за криминални податоци во него, што ги компромитираат изборите. Без нов, кристално чист, доверлив Избирачки список, не се можни фер избори.

Утрински: Се добива впечаток дека сте „изолиран“ министер во МВР. Соработуваат ли началниците на секторите со Вас, се соочувате ли со одредени опструкции?

Спасовски: Тоа е пуста желба на власта. Во МВР има одлични професионалци и луѓе кои си ја знаат работата и сакаат да работат професионално. Сите тие соработуваат. Зар сам ќе можев да отворам ваков сериозен скандал каков што е овој со издавањето незаконски лични карти. Реков, луѓето ја видоа мојата искрена намера, МВР да им помогне на граѓаните и на Република Македонија и на мое големо задоволство тоа веќе се случува. Полицијата им се враќа на граѓаните. Тоа е незапирлив процес.

Утрински: По повеќе од еден месец откако застанавте на челната позиција на МВР, ја донесовте првата одлука за кадровски смени во полицијата, што наиде на остри критики. Дали смената во кумановската полиција е најава за подлабоки кадровски промени во пресрет на изборите?

Спасовски: Секој кој им мисли добро на граѓаните и на државата, кој работи професионално и на висина на одговорноста што ја има како вработен во МВР, а не МВРО, е повеќе од потребен во министерството. Ова е мојот принцип на работа како совесен човек, а како прв човек во МВР тоа е и мојата законска должност. Работам и ќе работам исклучиво по закон, со цел да ја вратиме полицијата заштитник на граѓаните. Не е ред преку медиумите да најавувам во врска со тоа што прашувате. Знам, многу работи беа изместени од овој колосек во МВР, така е и во државава, но цврсто сум определен во доменот на моите надлежности, да ги вратам каде што им е местото.

Утрински: Неодамна обелоденивте дека политичари и јавни личности користеле возила и обезбедување од МВР, кои според законот не им следуваат. Утврдивте ли и други злоупотреби?

Спасовски: Заокружуваме повеќе истраги. Ќе излеземе со информации. Од досега утврденото – да, има индикации за злоупотреби, за што постапуваме според законот.

Утрински: Што утврди внатрешната истрага околу незаконското прислушување? Има ли прецизни одговори кој, зошто и колкав број на граѓани биле прислушувани? Дали како министер имате пристап до УБК?

Спасовски: МВР постапува во согласност со сите надлежности во врска со овој голем скандал. Во соработка со Специјалното јавно обвинителство, очекувам квалитетна професионална истрага и одговорност за прекршителите на законот и на правата и приватноста на граѓаните на Република Македонија.

Утрински: Македонија се соочува со голем наплив на бегалци кои секојдневно транзитираат низ земјава. Какви мерки, според Вас, е неопходно да се преземат за справување со проблемот и дали бегалската криза со себе нови и безбедносни ризици?

Спасовски: Ситуацијата на границата е под контрола и стабилна. Безбедносните сили постапуваат на ниво на професионалноста. Така е, има наплив на мигранти, најголем дел од луѓето не се тука затоа што сакаат, туку затоа што морале да се оддалечат од родните земји. Меѓу нив има деца, има измалтретирани луѓе од долгиот пат. Македонија е обврзана со меѓународните конвенции да ги штити човековите права, како што има одговорност пред своите граѓани да ја обезбеди нивната стабилност. Затоа државата мора да ги насочи своите капацитети да обезбеди сигурност за граѓаните на Македонија, како и хуман третман на бегалците. МВР дејствува во таа насока. Имаме редовна комуникација и координација со земјите од регионот и во постојан контакт и координација сме и со државите од Европската унија, бидејќи проблемот е заеднички.

 

Последни вести