fbpx

Колумна на Бисера Стојчевска Костадиновска: Кружен тек

Facebook
Twitter
LinkedIn

Кружен тек

Кружниот тек е раскрсница во која сообраќајот се одвива кружно во спротивна насока на сказалките на часовникот. Може да има една или повеќе сообраќајни ленти. Колку се повеќе, толку е потешко за снаоѓање.
Друго име за кружен тек е Раскружницата. Таа е конструирана од остров опколен со коловоз со една или повеќе еднонасочни ленти.
Од друга страна пак, метафора е фигура на говор кој директно се однесува на едно нешто со споменување на друго заради реторички ефект. Може да обезбеди јасност или да ги идентификува скриените сличности помеѓу две идеи.
Старите рекле надежта последна умира. Но се ми се чини дека и последните крици на надеж деновиве беа уништени- некои од тие крици беа постари и од 20 години-за да се игради нов кружен тек. Да, можеби за сообраќајот е добро решение, ама некако отвори стари рани. Од друга страна, долго чекавме да го видиме творецот на идејното решение-не само на овој кружен тек- дека навистина се грижи за доброто на граѓаните и дека научил нешто од своите 11годишни грешки. Иако за нив тоа беше златната ера, за најголем дел граѓаните тоа беше период за масовно: исселување, крадење и самоволие. Да. За сите три концепти важи придавката масовно. Затоа што нема подобар збор да се опише тој период. Ама не. Надежта последна умира. Бидејќи само тие одлучија дел од примањата да одат како награда за осудени за дела против државата, она што го добија “наследство” да го збришат за нецела година, да го направат системот нефункционален за некои, функционален за себе, да се вратат на старото “процент за мене, процент за братучедот”, да прекинат проекти од витално значење, да бидат “најголемите патриоти што ова поднебје ги видело” со пари на народот поделени внимателно строго меѓу своите редови. Она за што не можат да се одлучат е дали се нечии потомци или не. Тоа се менува како текот на сообраќајот, еднаш има наплив од чувства дека продолжуваат по истите стапки па тоа е се запишано уредно во списите од конгресите, а друг пат ја играат онаа “волк волк” па не ни знаат божем за кој станува збор. Ама тука се двете восочни фигури пред кои се поклонуваат да ги потсети и нив а богами и народот.
Она за се одлучни е дека треба да се однесуваат како сообраќајот во кружниот тек: обратно од стрелките на часовникот. А тоа значи да одат контра сите процеси кои општеството го движат напред, па макар тие да се движат по една лента или по повеќе. Да колку повеќе толку потешко е да се снајдеш, ама за ова ниво на “патриотизам” тоа е млака вода. Ако во нешто се снаоѓаат тоа е во хаосот и во безредието, па секое враќање во нормала, во нормален тек на сообраќајот за нив преставува општа хистерија. И тоа е се разбира оправдано- зошто да се вози во нормална насока на сообраќај кога може да се вози во обратна а тие како остров на средина да бидат и понатаму неми набљудувачи на тој реверзибилен процес и да си мислат само на себе си? Притоа, во позадина да оди “зајакнување” на кадарот кој денес ги советува да останат сами на островот и да гледаат како сопствениот народ врти во круг наместо да води напред и да напредува.
Волкот влакното го менува, ама наравот никогаш. Тоа беше првата помисла на сите кога во градот кој е трет по загадување се иссекоа толку многу дрва за да се изгради кружен тек чии правила за возење се спротивно на сите природни процеси. Дали тоа е повторно еден блесок од минатото кој сака да најави дека- тука сме, исти сме. Дали сакаат да не’ поздрават и да ни мафнат од островот, саркастично, во стилот- кучињата лаат, караванот си врви. Дали ќе дозволиме да ни ги затворат очите пак и да се вртиме во круг како тие 11 години (12 на локално ниво) додека сите друго соседни земји одеа напред и градеа иднина достојна за нашите деца, за СИТЕ деца? Не само за нивните, не само на одбраните, за СИТЕ!
Како крај на оваа кружна метафора, да се потсетиме на зборовоите на Анте Поповски кој во 1990 рекол:
-Патот за Европа за повеќе балкански народи и земји води низ Македонија и нема пат за Европа без слободата на македонскиот народ во сите соседни земји. Досегашните драматични и револуционерни промени во светот во кој централно прашање се човечките права, етничките и граѓанските слободи на народите, е клучно прашање за иднината на Европа и слободата на националните малцинства. Во меѓузависноста на едни од други, каква што не била никогаш досега, се распознава една нова иницијатива на Балканот, за демократска и модерна Европа. Татковината не се љуби со врзани очи!

Последни вести